Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска порача дека земјите од организацијата БРИКС можат да се збогуваат со идејата дека ќе го остават доларот затоа што САД нема да го гледаат тоа со скрстени раце и дека ќе воведат царини од 100 отсто во случај да го напуштат долар.
Трамп на својата социјална мрежа Truth social порача дека САД бараат од земјите на БРИКС да се обврзат никогаш да не создаваат сопствена валута, ниту да поддржуваат која било друга како замена за американскиот долар.
„Во спротивно тие ќе се соочат со царина од 100 проценти и треба да очекуваат дека веќе нема да можат ништо да и продаваат на фантастичната американска економија. Нека најдат други „наивни“! Нема шанси БРИКС да го замени американскиот долар во меѓународната трговија, и секоја земја што ќе се обиде да го стори тоа, може да се збогува со Америка“, напиша Трамп.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно изјави дека Соединетите Американски Држави нема да запрат пред ништо за да ја зачуваат „тиранијата“ на доларот и дека БРИКС има предлози за алтернатива.
„Земјите од БРИКС веќе развија препораки за алтернативни механизми за плаќање“, рече Лавров во интервју за меѓународната мрежа ТВ БРИКС.
Тој изјави дека „доларот се повеќе се користи како агресивно оружје во глобалната економија“, и дека затоа е неопходно да се создаде „паралелен систем за порамнување што нема да биде изложен на такви ризици“.