Во 1949 година беше снимен играниот филм „<a href="https://www.imdb.com/title/tt0193310/">Мајка Катина</a>“ по сценарио на српскиот писател Оскар Давичо кој во 1947 година во екот на Граѓанската војна во Грција престојувал во Егејска Македонија.
Од неговите записи од тој период тој ја напишал книгата „Меѓу партизаните на Маркос“, која беше забранета во тогашна Југославија. Порталот Македонска нација до македонската Влада упатува иницијатива Македонија достојно да се оддолжи „на овој голем човек од еврејско потекло Оскар Давичо, преку именување на некоја улица или друг објект со неговото име“.
Книгата „Меѓу партизаните на Маркос“ всушност претставува негов патепис од 1947 година кога престојувал во егејскиот дел на Македонија, пишува Александар Донски во Македонска нација.
„Во нашата јавност е малку познато дека во 1949 година во продукција на ‘Звезда филм’ од Белград, според сценарио на познатиот српски писател и новинар од еврејско потекло Оскар Давичо бил снимен игран филм под наслов „Мajka Katina“ во режија на Никола Поповиќ. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Нада Шкрињар (мајка Катина), Ј. Налис (Михајло), Б. Сотлар (Јоргос), Ј. Миличевиќ (Апостолос), М. Мирковиќ (Никос) и други. Музиката за филмот е на Миленко Живковиќ во изведба на Симфонискиот оркестар на НР Хрватска под диригентство на познатиот диригент Оскар Данон.
Имено, Оскар Давичо бил голем вљубеник во егејскиот дел на Македонија и во 1947 година во екот на Gраѓанската војна во Грција, заедно со група странски новинари во рамките на Комисијата на Обединетите нации, го посетил егејскиот дел на Македонија, по што своите доживувања и записи ги објавил во обемна книга од близу 400 страници, која до неодамна не беше објавена во Македонија.
Во книгата, освен описите на градовите и селата во егејскиот дел на Македонија и луѓето во нив, објавени се и сензационални сведоштва од Граѓанската војна во егејскиот дел на Македонија. Меѓу нив објавено е и досега непознато во нашата јавност интервју со генерал Маркос од 1947 година во кое тој јасно ги признава Македонците како посебна нација. Објавени се интервјуа и со други команданти на ДАГ, кои исто така јасно сведочат за постоењето на Македонците во егејскиот дел на Македонија, а сведочат и за теророт што Македонците го доживувале од сите грчки влади од Балканските војни па наваму.
Во книгата се интервјуирани и Македонци, борци на ДАГ кои јасно се декларираат како Македонци.
Книгата од <b>Оскар Давичо</b> била објавена на српски јазик во 1947 година, но по само неколку месеци, во 1948 година, книгата била забранета во тогашна Југославија поради судирот помеѓу Тито и Сталин и поддршката на генерал Маркос на Сталин.
Со помош на македонската дијаспора неодамна избор од написи во книгата се објавени на македонски јазик, а овие вредни историски податоци се преведени и на англиски и на грчки јазик. Покровител на објавувањето на оваа книга е Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј со претседателот Душан Ристевски, во соработка со Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип со претседателот Стојан Димков. Спонзори на преводите на книгата се: Трајче Т. Трајкоски од Перт, Александра и Горан Серафимовски од Сиднеј, „Maкедон преведувачка служба“ од Сиднеј, а еден од спонзорите е познат Македонец од Сиднеј кој излегол од Македонија, но Македонија никогаш не излегла од него.
Што се однесува до филмот „Мајка Катина“ тој е заснован на вистинит настан на кој бил сведок лично Оскар Давичо, кога на една македонска мајка (која имала три сина) едниот син ѝ го убиле монархофашистите, другиот син побегнал во партизани (ДАГ), а третиот син присилно бил мобилизиран во монархофашистичката војска и бил испратен на Крит. Мајката била испрашувана од страна на Меѓународната комисија на ООН со цел да каже кој го убил нејзиниот син.
Претходно монархофашистите ѝ рекле таа да изјави дека него го убиле партизаните (иако и самиот бил партизан), а ако не каже така ѝ се заканиле дека ќе настрада нејзиниот трет син кој бил мобилизиран на Крит.
Инаку, <b>Оскар Давичо</b> е роден во Шабац (Србија) на 19 јануари 1909 година. Потекнува од старо еврејско семејство. Тој беше познат српски и југословенски писател и новинар. По завршувањето на основното училиште во Шабац и гимназијата во Белград, студирал романистика во Париз на Сорбона и на Филозофскиот факултет во Белград, каде дипломирал во 1930 година. Истата година ја објавил и првата збирка поезија. Потоа работел како професор во Белград, Шибеник и Бихаќ.
Како член на Комунистичката партија на Југославија станал секретар на Месниот комитет во Бихаќ поради што во 1932 година бил уапсен и осуден на пет години затвор, кои го одлежал во Сремска Митровица. Потоа до почетокот на војната живеел во Белград и во Загреб. Во 1940 година бил исклучен од КПЈ поради некои негови песни.
Втората светска војна го затекнала во Сплит, каде продолжил со илегална дејност. Поради тоа бил уапсен и интерниран во близина на Парма (Италија). Во 1943 година побегнал од Италија во Далмација каде се придружил на партизаните со кои дејствувал на териториите на Босна, Црна Гора, Далмација и Србија. Во 1944 година учествувал во борбите за ослободување на Белград.
По војната бил еден од основачите на југословенската агенција ТАНЈУГ, а потоа работел во весникот „Борба“. Како дописник известувал од судењето на нацистите во Нирнберг, а во 1947 година престојувал во Грција каде се сретнал со генерал Маркос и други команданти на ДАГ. Потоа го напуштил новинарството и продолжил да се занимава само со литература.
Во 1951 година бил избран за дописен член на Југословенската академија за наука и уметност. Соработувал со бројни списанија и објавувал поезија и проза за што добил високи награди и признанија. Живеел во Белград и Сараево. Починал на 30 септември 1989 година и бил погребан во Алејата на заслужни граѓани во Белград.
Поради неговите заслуги за промовирање на историската вистина за случувањата во егејскиот дел на Македонија пред светот и тоа не само преку оваа книга, туку и преку други негови текстови посветени на егејскиот дел на Македонија во кој бил голем вљубеник, сметаме дека е време Македонија достојно да се оддолжи на овој голем човек од еврејско потекло Оскар Давичо, преку именување на некоја улица или друг објект со неговото име“.