Полицијата и БЈБ во Арачиново најдоа 14 гранати со калибар од 40 милиметри и две калапчиња од по 200 грама експлозив ТНТ.
Во дворот во Арачиново полицијата неколку дена пребарува со детектори за метал и копа со багери, откако ја почна големата акција за разбивање на опасната мафијашката група Беланоца Барон, која е одговорна за најмалку 8 убиства.
Во акцијата е вклучена и Армијата.
Сомневањата дека криминалците од Беланоца Барон криеле злато, пари и оружје секојдневно се потврдуваат. Досега беа запленети поголема количина оружје, милиони евра, накит, автомобили, часовници и други вредни предмети.
Во средата полициски екипи на пат од с.Орланци во правец кон с.Никуштак, во атарот на општина Арачиново пронајде еден пушкомитралез, девет автоматски пушки, повеќе празни рамки за автоматска пушка и реденик за пушкомитралез, две рамки за автоматска пушка со куршуми, една тегла со муниција, ранец и други предмети.
Истражните органи и натаму работат на прибирање докази за сторени убиства, нарачки за убиства, растурање на дрога и други тешки кривични дела.