„Моите информации говорат дека поранешниот директор на Лотарија подолго време не е на територијата на Македонија“, рече Христијан Мицкоски во ClickPlus на ТВ21 за акцијата против Државна Лотарија поради злоупотреба на пари од буџетот на Акционерското друштво, во кој вклучен е и екс вицепремиерот Артан Груби.
Мицкоски рече дека Артан Груби со дипломатско возило и со уште едно лице ја напуштил земјава, и се упатил кон Косово.
Министерот Панче Тошковски претходно на прес-конференција рече дека се утврдени неправилности при напуштањето на Груби на земјава.
„Тоа е поширока група на луѓе, не се само поранешниот вицепремиер и екс директорот на Лотарија. Поранешниот прв човек на Лотарија подолго време не се наоѓа на територија на Македонија, а дека екс првиот вицепремиер со возило со дипломатски таблици ја напуштил државата. Не би можел да кажам каде отпатувал после тоа откако излегол од државава“, рече Мицкоски.
Премиерот кажа дека по враќањето од Брисел, ќе има средба со оние кои учествувале во спроведување на акциите.
„Се уште во фаза на истрага случајот, инаку веднаш од моето враќање од Брисел планирам да има брифинг со сите вклучени во овие акции. Но, станува збор за најобемни и најголеми акции од независноста на државата“, рече Мицкоски.
<b>Мицкоски: Многу внимателно пристапуваме, нема упаѓање на специјалци во домовите, ниту маскирани лица апсат пред очи на деца</b>
Премиерот Христијан Мицкоски во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека во акциите се постапува многу внимателно.
Како што вели, нема упаѓање на специјалци во домовите, ниту маскирани лица апсат пред очи на деца.
„Многу внимателно завршуваат сите процеси надвор од јавноста, преку соопштенија затоа што не сакаме да влијаеме врз презумцијата на невиност, достоинството на луѓето, колку и да постојат основани сомненија дека тие сториле криминал“, вели Мицкоски.