Џиновското дрво пристигна од Западен Стокбриџ, Масачусетс. Високо е над 22 метри. Станува збор за норвешка смрека донирана од семејството Алберт, објави АП.
Дрвото било засадено пред 67 години. „Тоа е подарок за светот“, велат од семејството Алберт кои не биле тажни кога се збогувале со дрвото бидејќи го сметаат за свој подарок за човештвото. „Нашиот мал град сега е познат поради ова дрво“, додаваат тие за американските медиуми. Дрвото допрва ќе се украсува, ќе биде украсено со 50 илјади светилки.
Новогодишната елка пред Рокфелер центарот во Њујорк е симбол на празничната магија и секоја година собира милиони посетители од целиот свет. Традицијата започнала во 1931 година, кога работниците на градилиштето во Центарот Рокфелер поставија едноставна елка, висока само шест метри, за да внесат малку веселба во мрачната атмосфера за време на Големата депресија. Но, дури во 1933 година беше поставено првото официјално дрво како дел од Божиќната прослава на Центарот Рокфелер.
Оттогаш, секоја година, ова специјално дрво станува централно место на празничните украси на Њујорк. Дрвото обично се поставува на крајот на ноември, а церемонијата на осветлување се одржува на почетокот на декември со придружни настани, музички изведби и собирање на илјадници посетители. Самиот чин на палење на светилките е една од најважните божиќни прослави во САД, а се емитува во живо на телевизија, привлекувајќи милиони гледачи.
Избраното дрво мора да биде посебно - обично тоа е норвешка смрека висока повеќе од дваесет метри, а доаѓа од северните држави како Пенсилванија, Конектикат или Њујорк. По празниците, дрвото се рециклира или се донира за изградба на куќи во соработка со непрофитни организации како што е Хабитат за човештвото.