Фотографија од „југо“ на американски автопат предизвика возбуда на социјалните мрежи, иако автентичноста на сликата не е потврдена. Луѓето најмногу ги возбуди натписот на регистрацијата за кој не се знае дали е вистински или монтиран, а кој со хуморот предизвика носталгија кај корисниците на социјалната мрежа Фејсбук и започна дискусија на интернет.
Пред речиси пет децении во фабриката „Застава“ во Крагуевац беше склопен првиот автомобил „Застава корал“, попознат како Југо, кој стана еден од најпрепознатливите симболи на Југославија.
Првиот автомобил беше подарен во далечната 1977 година на Јосип Броз Тито. Автомобилот, кој некогаш важеше за гордост на југословенската автомобилска индустрија, беше претставен на американскиот пазар во 80-тите години, но подоцна стана предмет на потсмев. Често се нарекува „најлошиот автомобил на сите времиња“.
На Фејсбук во групата Scenic Depictions of Slavic Life беше споделена фотографија од југото, а направена на американските патишта. Креативната регистарска табличка со натпис „bad car“ лош автомобил) ги насмеа корисниците.
Следуваа многубројни коментари. „Кажете што сакате, но автомобилот е сè уште во возна состојба“, гласи еден од нив. „Легенда“ и „Мојот прв автомобил“, напишале други корисници. Друг корисник додал дека се работи за бесмртна југословенска кола. „Немам возачка дозвола, но ако некогаш добијам, ќе биде на југо“, напишала една корисничка.