Изборите во Украина би можеле да се одржат веќе во мај 2025
година, пишува Економист, додека од кабинетот на украинскиот претседател
негираат дека се подготвуваат за избори. Економист наведува дека најраниот
датум за одржување на изборите е 25 мај. Весникот посочува дека веќе се
започнати некои подготвителни активности за изборите, дека се мобилизираат
регионални изборни штабови и се составуваат листи со кандидати.
Според анкетите, актуелниот украински претседател Володимир
Зеленски има мали шанси да го победи поранешниот врховен командант на
вооружените сили на Украина Валериј Залужни во вториот круг.
Залужни сега ја извршува функцијата амбасадор во Велика
Британија и допрва треба јасно да ги каже своите политички амбиции, иако
многумина го повикуваат да се кандидира.
Изборите во Украина требаше да се одржат во март 2024
година, но гласањето беше одложено на неодредено време поради војната.
„Учеството во изборната кампања сега би било самоубиство“,
изјави украинскиот пратеник Јарослав Железњак, пренесе Униан.
По пишувањето на весникот Економист, денеска се појави уште
едно тврдење дека во Украина се подготвуваат избори, како и дека САД се
подготвени „да го пуштат Володимир Зеленски во вода“.
Имено, Спиридон Килинкаров, поранешен пратеник на
украинската Врховна Рада, денеска изјави дека изборите во завојуваната Украина
ги туркаат САД со цел да се формира легитимна влада со која Москва ќе може да
преговара за мир, бидејќи актуелниот украински претседател не е погоден за тоа.
Килинкаров, кој е член на движењето „Втора Украина“, ја
коментираше изјавата на руската служба за надворешно разузнавање дека Вашингтон
размислува за одржување претседателски и парламентарни избори во Украина во
2025 година во услови на тековен конфликт со Русија и американските планови за
отстранување на „ претерано дрзок“ Зеленски од власт.
Тој дури тврди дека жена може да стане шеф на Украина.
„Главната, клучна цел на одржувањето на изборите е
легитимизација на украинската влада, бидејќи на сите им е јасно дека со
преминување на дипломатски колосек без легитимна влада, речиси е невозможно да
се постигне посакуваниот резултат. Затоа, им треба легитимна влада во Украина,
а за тоа ќе треба да одржат избори“, оцени Килинкаров.
Се потсетува дека претседателскиот мандат на Зеленски истече
во мај. Претседателските избори во Украина требаше да се одржат на крајот на
март, но Зеленски ги откажа сите избори во земјата, наведувајќи ја вонредната
состојба и продолжувањето на конфликтот со Русија. Тој тогаш изјави дека за
време на војна не може да се одржат избори.