Поранешниот украински министер за надворешни работи Дмитро
Кулеба изјави дека не очекува брз крај на војната меѓу Украина и Русија кога
новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата. Во
разговорот Кулеба истакна дека има три клучни причини за неговата оценка:
решеноста на претседателот Володимир Зеленски да не отстапи под притисок,
неподготвеноста на Украина да се согласи на брзо решение и фактот дека клучот
за мирот лежи во Москва, а не во Киев.
Според него, решението на конфликтот зависи од тоа што би
можел да прифати рускиот претседател Владимир Путин за да постигне прекин на
огнот, а не од отстапките од Украина. Кулеба нагласи дека одговорноста за
завршување на војната е на страната што ја започнала и дека Украина нема да се
согласи на еднострани отстапки.
Во контекст на се поинтензивните борби, вклучително и
учеството на севернокорејските војници на страната на Русија и употребата на
нови балистички ракети, Кулеба призна дека Украинците се загрижени поради
ескалацијата на конфликтот. И покрај тоа, тој нагласи дека Украина нема да
прифати решенија кои би го загрозиле нејзиниот суверенитет или територијален
интегритет.