Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Шолц по распадот на Владата, се состана со опозициските демохристијани

7 ноември 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Разговорите меѓу двајцата политичари почнаа околу 1 и пол, а Мерц по нешто повеќе од половина час ја напушти премиерската резиденција. Засега ништо не е објавено за содржината на разговорот меѓу Шолц и Мерц.

Мерц го повикува Шолц што поскоро да распише нови избори, а лидерот на ЦДУ ја сака втората половина на јануари како можен датум.

Канцеларот вчера најави дека сака гласање за доверба на неговата влада во јануари, но пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во долниот дом на парламентот, Бундестагот, бара канцеларот веднаш, најдоцна до почетокот на следната година, да свика гласање за доверба.

Шолц предвиде гласање за доверба на 15 јануари, додека предвремените избори ќе се одржат на крајот на март.

Мерц истакнува дека нема причина да се чека до јануари за гласање за доверба. Тој попладнево се среќава со претседателот Франк-Валтер Штајнмаер во неговата берлинска резиденција, палатата Белви, за да разговара за патот напред. Тространата германска коалиција „семафор“ се распадна вчера вечерта по разрешувањето на министерот за финансии и лидер на либералите, Кристијан Линднер, кој ќе биде заменет со еден од блиските советници на Олаф Шолц, Јоерг Кукиес, 56-годишен експерт за економски прашања.

По распадот на коалицијата, Штајнмаер официјално разреши тројца од четворицата министри на либералите (ФДП) во кабинетот на Шолц. Единствениот политичар од ФДП кој останува во владата е министерот за транспорт Фолкер Висинг, кој ја напушти партијата и сега ја извршува функцијата министер за правда. Образованието го презема министерот за земјоделство Џем Оздемир.

Колапсот на владата доаѓа во најлош можен момент за Германија, која се бори со сериозна индустриска криза, но и за Европа, која е загрижена за последиците по нејзината трговија и безбедност по изборот на републиканецот Доналд Трамп за претседател на САД.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ