Неколку илјади демонстранти излегоа на улиците на Тбилиси, главниот град на Грузија, за да протестираат против наводната измама на минатомесечните парламентарни избори, на кои владејачката партија Грузиски сон, која се смета за проруска, прогласи победа.
Извикувајќи „Победа за Грузија“ и патриотски песни што свиреа преку звучниците, демонстрантите маршираа од главната железничка станица во Тбилиси по централната авенија Руставели кон националниот парламент, јавува Ројтерс.
„Тука сум затоа што партијата Грузиски сон ни ги украде изборите. Знам само дека улицата и демонстрациите во моментов се единствениот начин да се слушне мојот глас“, рече еден од демонстрантите.
Лидерите на три од четирите опозициски партии кои освоија места во парламентот минатиот месец се обратија пред толпата, повикувајќи на секојдневни протести од вторник за да се спречи почетокот на новата седница на грузискиот парламент.
На протестите во Тбилиси е присутна и познатата шведска активистка Грета Тунберг.