Постои сомнеж дека новата руска православна црква во градот Вестерос во централниот дел на Шведска може да се користи за идни разузнавачки активности или диверзантски операции, односно дека може да претставува потенцијална закана за националната безбедност на Шведска, пишува Политико.
Станува збор за новоизградена црква на периферијата на Вестерос која се наоѓа во близина на стратешки важен аеродром, како и станици за третман на вода и енергетски компании.
Вестерос има 130.000 жители и се наоѓа на 100 километри западно од Стокхолм.
„Црквата нуди потенцијална основа што може да се искористи за собирање информации, како на аеродромот Вестерас, така и кај големите компании вклучени во енергетскиот сектор“, рече истражувачот на Шведскиот одбранбен универзитет, Маркус Герансон.
Тој предупреди дека шведските сили се „под надзор“ на руската црква кога спроведуваат вежби на или во близина на аеродромот, како што направиле во јуни.
Претставниците на црквата претходно ги негираа врските со руските разузнавачки служби, според весникот VLT од Вестерос.
Откако Русија ја нападна Украина во 2022 година, европските земји протераа стотици вработени во руската амбасада во обид да ја ослабат способноста на Русија да собира разузнавачки информации, според Политико.
Се истакнува дека две години подоцна, сѐ појасно е дека Москва продолжува да наоѓа начини да обезбеди покритие за своите оперативци во странство.
Се вели дека Руската православна црква се појавува како потенцијален канал за тајните операции на Москва во странство.
На крајот на мај, шведското државно тело кое обезбедува финансиска поддршка на религиозните групи (SST) престана да ја финансира црквата во Вестерос по консултација со безбедносната полиција на земјата - Сапо.
Портпаролот на Сапо рече дека неговата агенција заклучила дека претставниците на црквата „имале контакти“ со поединци кои работат за руското разузнавање во Шведска.
Кога планскиот одбор на Вестерос се состанал за да го одобри барањето за изградба на црквата во февруари 2017 година, се чини дека нејзината локација не предизвикала сериозна загриженост, пишува Politico.
Аеродромот во Вестерос е стратешки важен бидејќи е назначен како таканаречен резервен аеродром кој е достапен деноноќно за употреба во случај на воена или цивилна криза.