Синот на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, Едуардо Болсонаро и британскиот десничар Најџел Фараж се само некои од истакнатите странски политичари и јавни личности кои ги следат претседателските избори во Соединетите Држави во Мар-а-Лаго, имотот на Доналд Трамп на Флорида.
Болсонаро објави фотографија на социјалната мрежа Х со Доналд Трамп јуниор и тврди дека навивал за кандидатот на Републиканската партија на изборите „во добро друштво“. Истовремено, Фараж на социјалните мрежи објавува и содржини од Мар-а-Лаго.
Покрај нив, во Мар-а-Лаго се и милијардерот Илон Маск, кој дојде со едно од неговите единаесет деца, како и поранешниот новинар на Fox News, Такер Карлсон.
- Гем, сет, меч - напиша Маск на социјалната мрежа Х.
Фотографиите кои кружат на социјалните мрежи покажуваат опуштен Трамп како разговара со Маск и Дејн Вајт, додека гостите споделуваа селфи од балската сала на Мар-а-Лаго, вклучувајќи ја и адвокатката на Трамп, Алина Хаба.
Ако Трамп победи на изборите и му додели на Маск кабинет, извршниот директор на SpaceX и Tesla рече дека би сакал да го намали бројот на регулаторни агенции во САД. За време на гостувањето во онлајн шоуто на Такер Карлсон, кое се емитува на социјалната мрежа Х, Маск рече дека сака да ја направи владата на Трамп поефикасна.
- Имаме огромна бирократија, имаме премногу регулативи. Мораме да ги оставиме градителите да градат, додаде Маск.
Асошиетед прес објави во 5:25 часот по средноевропско време дека Трамп освоил 230 електорски гласови, додека демократската кандидатка Камала Харис освоила 187 гласа.