Доналд Трамп беше 45., а сега е и 47. претседател на САД. Откако беше објавено дека победил и во Висконсин и Алјаска, Трамп го надмина прагот на 270 освоени електорски гласови и официјално го потврди своето враќање во Белата куќа, што ќе се случи во јануари.
Додека се чекаат резултатите од уште пет сојузни држави, Трамп засега има 279 електорски гласови, а Камала Харис 223 и до крајот на броењето гласови исходот нема да може да се промени.
Трамп веќе одржа победнички говор во Флорида, во кој кажа дека доаѓа златна доба за Америка и дека ќе ги заврши војните.
Со 78 години, Трамп е најстариот избран претседател во историјата на САД и само втор кој се вратил во Белата куќа откако претходно бил поразен. Пред него, тоа му успеало само на Гровер Кливленд, кој бил претседател од 1885 до 1889 и потоа од 1893 до 1897. Трамп нема да може повторно да се кандидира, зашто американските претседатели се ограничени на два мандата.