Германија подготвува список на бункери кои би можеле да обезбедат итно засолниште за цивилите во случај на војна, објави германското Министерство за внатрешни работи.
Во моментов се подготвува дигитална листа на бункери и засолништа за итни случаи за луѓето да можат брзо да ги најдат со помош на апликација за телефон.
Апликацијата е планирана да им овозможи на граѓаните да најдат засолниште за итни случаи на места како што се подземни железнички станици и паркинзи, јавни и приватни згради, <a href="https://www.theguardian.com/world/2024/nov/25/germany-draws-up-list-of-bunkers-amid-russia-tensions">објави</a> Гардијан.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи на брифинг со новинарите изјави дека луѓето исто така ќе бидат охрабрени да постават засолништа во своите домови со реновирање на подруми и гаражи.
Портпаролот наведува дека составувањето на списокот со бункери ќе потрае бидејќи, како што наведе, станува збор за „голем проект“ во кој се вклучени и Канцеларијата за цивилна заштита и помош при катастрофи и други органи.
Тој рече дека клучните точки од планот биле договорени на конференцијата на високи функционери во јуни и дека посебна група работи на ова прашање.
Во Германија има 579 бункери, главно од Втората светска војна и Студената војна, кои можат да засолнат 480.000 луѓе.
Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, постои зголемена загриженост дека Русија може да нападне некои членки на НАТО.
Шефовите на германското разузнавање во октомври предупредија дека Русија најверојатно ќе биде способна да го нападне НАТО до 2030 година.
Германските власти наведуваат дека обемот на руската шпионажа и саботажа веќе е нагло зголемен во Германија.
Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела изјави дека конфликтот во Украина има карактеристики на „глобална“ војна и дека не исклучува удари врз западните земји.