Жителите на јужен Либан раселени поради конфликтот меѓу Израел и Хезболах денеска почнаа да се враќаат во своите домови откако рано утринава стапи на сила прекинот на огнот.
Прекинот на огнот, воспоставен по неколкудневни најинтензивни воздушни напади и борби, донесе олеснување низ малата медитеранска земја, иако многумина се прашуваат дали договорот за завршување на војната ќе се одржи.
Израел најави дека ќе нападне доколку Хезболах го прекрши договорот за прекин на огнот. Еден израелски безбедносен претставник изјави дека израелските сили остануваат на своите позиции во јужен Либан и само постепено ќе се повлечат назад преку Сината линија.
Тој не прецизираше кога ќе започне повлекувањето, но потврди дека тоа ќе биде завршено во рок од 60 дена, како што е предвидено во договорот.
Темпото на повлекување и планираното враќање на либанските цивили ќе зависи од тоа дали договорот ќе го спроведат сите страни, додаде израелскиот претставник и најави дека израелските војници ќе отворат оган доколку бидат загрозени.
Илјадници луѓе брзо тргнаа кон јужен Либан и покрај предупредувањата од израелската армија да се држат настрана од претходно евакуираните области.
Судирите траеја до последен момент и според локалните власти во вторникот во Либан загинаа најмалку 42 лица.
Хезболах, исто така, истрела ракети кон Израел кои активираа ракетни предупредувачки сирени на северот на земјата.
Прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах е првиот голем чекор кон ставање крај на конфликтот во регионот предизвикан од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, но договорот не се однесува на војната во Газа.
Хезболах почна да истрела ракети врз Израел еден ден по нападот на Хамас. Конфликтот во Либан ескалираше во отворена војна во септември со масовни израелски воздушни напади и израелска копнена офанзива на југ.
Меѓународните хуманитарни организации денеска го поздравија договорот за прекин на огнот и апелираа до донаторите да обезбедат средства за обнова на делови од Либан и да им помогнат на раселените.
Овие организации се загрижени за последиците од војната врз либанската економија, која веќе беше во криза.
Бидејќи повеќе од 1,2 милиони жители се раселени, хуманитарните организации предупредуваат дека многумина ќе бидат во тешка ситуација и без домови.
Повеќе од 100.000 домови се делумно или целосно уништени низ јужен Либан, долината Бека и Бејрут, соопшти Меѓународниот комитет за спасување. Како што е наведено, половина од населението на Либан сега живее под прагот на сиромаштија.
Организациите за помош ги повикуваат донаторите да ги исполнат своите ветувања и да поддржат непосредни хуманитарни напори и долгорочно закрепнување.
Генералниот секретар на Норвешкиот комитет за бегалци Јан Егеланд рече дека многумина немаат домови во кои да се вратат, немаат училишта за нивните деца, а нивните средства за живот се уништени.
Меѓу оние кои се надеваат дека ќе се вратат по почетокот на примирјето се илјадници раселени луѓе кои избегаа од војната во соседна Сирија. Некои од нив веќе влегоа во источен Либан и ги следат патиштата тешко оштетени од израелските воздушни напади.