Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Блумберг: Ле Пен се заканува дека ќе ја собори француската влада поради преговорите за буџетот

25 ноември 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Лидерката на француската десничарска партија Национален собир, Марин Ле Пен, се заканува дека ќе ја урне француската влада на тој начин што пратениците од нејзината партија ќе гласаат против усвојувањето на предлог-буџетот за следната година, доколку тој биде во парламентот во сегашната форма, пишува Блумберг.

Според американската агенција, Ле Пен го заостри својот тон во последните неколку недели откако се соочи со обвинувања за проневера на средства од ЕУ за финансирање на работата на нејзината партија во Франција.

Обвинителот препорача итна петгодишна забрана за вршење јавна функција, а Ле Пен негираше дека сторила нешто лошо и ги обвини обвинителите за задушување на демократијата.

По разговорот со францускиот премиер Мишел Барние, таа оцени дека предлог-буџетот за следната година има многу недостатоци и дека владата има малку време да го отстрани.

Ле Пен рече дека црвената линија за нејзината партија се мерки кои ќе ги загрозат приходите на домаќинствата.

Доколку Ле Пен одлучи да се приклучи на гласањето за недоверба на владата, таа би можела да го урне кабинетот на Барние, а со оглед на недостатокот на мнозинска поддршка во парламентот, се очекува Барние да ја искористи уставната одредба позната како 49,3 за да го заобиколи Националното собрание и да го помине буџетот во декември.

Како што се проценува, ваквиот начин на усвојување на буџетот би можел да доведе до изгласување недоверба на владата, за што би била потребна поддршка и од екстремната десница и од левичарската алијанса Нов народен фронт. Двете групи го критикуваа владиниот предлог-буџет.

Ле Пен, сепак, рече дека екстремната десница не сака да биде, како што ја нарече, „агент на хаосот“, бидејќи се обидува да изгради репутација за одговорност пред идните избори, по значајните придобивки на европските и парламентарните избори претходно оваа година.

Според Блумберг, клучното прашање е дали судиите ќе одлучат дека каква било забрана на Ле Пен да извршува јавна функција треба веднаш да се спроведе, бидејќи тоа потенцијално би можело да ја исклучи од претседателската трка во 2027 година, каде, според последните анкети, таа и понатаму води. Одлуката на судиите се очекува на почетокот на следната година.

Ле Пен никогаш немала поголема моќ од јунските избори на кои владејачката коалиција на францускиот претседател Емануел Макрон го загуби мнозинството во парламентот.

Трошоците за задолжување во Франција во однос на Германија дополнително се зголемија денеска бидејќи инвеститорите гледаат ризик во усвојувањето на францускиот буџет за следната година.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ