Администрацијата на Џо Бајден побарала од ЕУ автоматски да ги усогласи своите стандарди за емисии на метан за увоз на течен природен гас (ЛНГ) со американските регулативи за да обезбеди непречен увоз од САД, според писмото што го видела агенцијата Ројтерс.
Агенцијата вели дека поврзувањето на американските и европските стандарди за метан ќе ја заштити нивната растечка трговија со течен природен гас.
„Разбираме дека за овој процес ќе биде потребно време. Сепак, сакаме да започнеме дискусии што е можно поскоро и да обезбедиме континуирано, доверливо и стабилно снабдување со природен гас од Соединетите Американски Држави во Европа“, напишале американските власти во писмото од 28 октомври, само неколку дена пред Доналд Трамп да победи на изборите во САД.
Земјите од Европската унија во мај одобрија закон со кој се наметнуваат ограничувања на емисијата на метан за увоз на нафта и гас во Европа почнувајќи од 2030 година, со што се врши притисок врз меѓународните добавувачи постепено да се усогласат со новите стандарди.
Администрацијата на Бајден донесе свои правила за емисиите на метан кон крајот на минатата година, но постои можност Доналд Трамп да ги смени или суспендира за да ги намали трошоците за американската енергетска индустрија.
Метанот, главната компонента на течниот природен гас, значително придонесува за штетниот ефект на стаклена градина врз климата, а повеќе од 150 земји во светот ветија дека ќе ги намалат своите емисии на метан за 30 проценти во оваа деценија како дел од борбата против климатските промени.