<i>Трамп ова го изјави откако американскиот претседател Џо Бајден вчера им ги ублажи казните на 37 од 40 федерални затвореници осудени на смрт, преиначувајќи ги во доживотен затвор без помилување.</i>
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска изјави дека ќе побара од Министерството за правда „енергично да ја спроведе“ смртната казна за „да ги заштити Американците од насилни силувачи, убијци и чудовишта“.
Трамп ова го изјави откако американскиот претседател Џо Бајден вчера им ги ублажи казните на 37 од 40 федерални затвореници осудени на смрт, преиначувајќи ги во доживотен затвор без помилување. На почетокот на овој месец, Бајден им ги ублажи казните на околу 1.500 затвореници и помилува 39 затвореници.
-Веднаш штом ќе ја преземам функцијата (20 јануари), ќе му упатам на Министерството за правда енергично да ја спроведе смртната казна за да ги заштити американските семејства и деца од насилни силувачи, убијци и чудовишта – рече Трамп.
За време на неговиот прв мандат како претседател, од 2017 до 2021 година, Трамп ги врати егзекуциите за злосторства на федерално ниво, по пауза од речиси 20 години.
Бајден, познат како противник на смртната казна, повторно ги запре федералните егзекуции кога ја презеде функцијата во јануари 2021 година.
Наследникот на претседателот не може да ги поништи помилувањата и комутациите, за разлика од извршните наредби, но може поагресивно да бара смртна казна во идните случаи.
Тимот на Трамп вчера ја осуди одлуката на Бајден, велејќи дека таа е одвратна и фаворизира осуденици кои се „меѓу најлошите убијци во светот“.