Деновиве, поточно пред 122 гоидини, на 29 октомври во 1902 година во рускиот град Санкт Петербург официјално било основано Македонското научно-литературно другарство.
Македонското научно-литературно другарство е конституирано на 28 октомври 1902 година со 19 потписници (Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Дијамандија Трпков Мишајков, Стефан Јакимов Дедов, д-р Гаврил Константинович и други). При основањето го носи патронатот на свети Климент Охридски, а од 1903 г. (со „Уставот”) на Кирил и Методиј. Кон крајот на 1905 год. Другарството е неутрализирано, а од 1912 г. се појавува под нови имиња, но не успева да добие официјално признание од руските надлежни власти. Неговата дејност завршува во 1917 г. со Октомвриската револуција во Русија.
<b>При основањето го носело патронатот на свети Климент Охридски, а од 1903 година на свети Кирил и Методиј.</b>
Прв привремен претседател бил Дијамандија Мишајков, а од почетокот на 1903 година, па до 1917 година, тоа место го заземал Димитрија Чуповски. На 12 ноември 1902 година до Руската влада и до Советот на Санктпетербуршкото словенско благотворно братство, Македонското научно-литературно другарство испратило Меморандум, што всушност претставува прва национална програма во која се бара признавање на Македонците како посебна нација и народ, со посебен македонски јазик и култура, со своја црква, во границите на тогашната Турција.
И покрај противењето на другите балкански друштва во Русија, сепак, <b>Советот на Санктпетербуршкото словенско благотворно братство го признало Македонското научно-литературно другарство како рамноправен член на Советот и му дало простории во кои другарството би можело да одржува редовни состаноци и советодавни седници.</b>
Од денот кога Советот на Санктпетербуршкото словенско благотворно братство го признало Македонското научно-литературно другарство, според руски извори, доаѓала помош од руските организации од овој тип.
<b>Во Русија се печателе книги, брошури, летоци, кои ја објаснувале улогата, задачата и целта на Македонското научно-литературно другарство.</b>
Особено значаен е фактот што, според руски извори, во Македонското научно-литературно другарство, со помош на Советот на Санктпетербуршкото братство била создадена<b> првата книга на современ македонски литературен јазик со фонетски правопис.</b> Станува збор за книгата на Крсте Петков Мисирков „За Македонцките работи“.
На овој ден во 1940 година во Ленинград (Санкт Петерсбург) починал Димитрија Чуповски, еден од најистакнатите и најдоследни организатори и афирматори на македонската национална мисла, општественик, револуционер, политичар, дипломат, публицист, научник, издавач, историчар, картограф и филолог. Во периодот од 1912 до 1915 година на руски јазик го издавал списанието „Македонски голос“. Роден е во селото Папрадиште, Велешко, во 1878 година.