И да биде изгласана интерпелацијата за пратеничката Илире Даути од претседателското место во Комисијата за социјална политика, демографија и млади, тоа не значи и нејзина смена од таа позиција, а и ако биде сменета, нема никакви деловнички прачки повторно да биде избрана за претседател, рече денеска претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите.
Тој информираше дека партијата Левица поднела иницијатива за интерпелација на Даути. Моментно се проверува уредноста на иницијативата и се врши превод, по што веднаш ќе им биде доставена на пратениците.
– Според Деловникот за работата на Собранието, ако се констатира дека интерпелацијата се усвојува за претседателот на комисијата, тоа не значи и разрешување од функцијата, а и да значи, според интерпретацијата на Деловникот од страна на професионалните собраниски служби, повторно ќе треба да се избере претседател на комисијата од истата партија. Партијата може да ја предложи истата личност и таа повторно да стане претседател на комисијата. Така е уредено во Деловникот – вели Гаши.
Тој објасни дека претседателите на комисиите во Собранието ги договараат координаторите на пратеничките групи.
Пратеничката Даути, која е дел од Европскиот фронт, поточно од крилото на Зијадин Села во Алијансата на Албанците, минатата недела повторно не ги стави на дневен ред измените на Законот за бранителите, што ги поднесе СДСМ. На седницата пратеничката Јованка Тренчевска од СДСМ побара законските измени да бидат ставени на дневниот ред, но Даути се однесуваше дрско кон пратеничките на СДСМ, и кон пратеничките од ВМРО-ДПМНЕ. Беше категорична дека ако не се опфатени и правата на поранешните борци на ОНА, таа додека е претседател на Комисијата никогаш нема да го стави Законот за бранителите на дневен ред.
Ова беше втор пат како Даути категорично одби да го стави на разгледување законот за бранителите, за кој пратениците од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ на пленарна седница изгласаа дека има потреба да биде донесен. Со ваквото постапување, таа како еден пратеник ја суспендира волјата на парламентарното мнозинство.
Првиот пат, откако таа не ја исполни должноста во рок од 24 часа по пленарната седница да го стави на дневен ред законот на комисико разгледување, Левица го повика спикерот Африм Гаши тој да ја закаже седницата. Тој одби со образложение дека не може да закаже веќе одржана седница, а тоа што законот за бранителите не бил ставен на дневен ред е волја на пратеничката Даути.