Синот на поранешниот министер и заменик министер за внатрешни работи Назим Буши од ДУИ осомничен дека е „кртот“ на криминалната група Барон/Беланоца.
Според информации на <a href="https://telma.com.mk/2024/12/29/sin-na-poraneshen-minister-za-vnatreshni-pod-somnezh-deka-kodoshel-za-kriminalna-grupa/">Телма</a>, Ќерим Буши синоќа бил приведен на распит поради оддавање службена тајна. Го сомничат дека пред десетина дена ја провали акцијата за апсење на припадници на скопското нарко подземје. Се проверува дали тој им дојавил на осомничените дека полицијата доаѓа по нив за да избегаат.
-Лицето за кое прашувате на 28.12.2024 беше приведено, при што во полициска станица беше извршен службен разговор во врска со кривично дело Оддавање службена тајна, одземен му е мобилен телефон, по што по насока на ОЈО лицето е ослободено, велат во МВР.
Обвинителството на 16 декември отвори истрага против 18 осомничени припадници на скопското подземје, но осуммина од нив не пронајде, а сомнежот е дека некој им јавил да избегаат.
Истрагата за протекувањето на информациите ја води Обвинителството за гонење организиран криминал.
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски е уверен дека информациите не протекле од кај нив.
-Јас како државен обвинител можам да ви гарантирам дека од страна на Јавното обвинителство не протекуваат никакви информации за тоа што тие предистраги, тие мерки за следење со месеци биле активни и претходно и ниедна не пробила. Акцијата е пробиена во завршна фаза односно ден два пред да се преземе официјално акцијата. Токму и на таа околност Јавното обвинителство и сега истражува да дознае „кој е кртот“ на пробивање на акцијата, меѓутоа ете успеа два дена пред планираното да спроведе акција и дел од осомничените да ги уапси, вели Коцевски во интервју за Радио Слободна Европа.
Од 18 осомничени за убиства и рекет, полицијата уапси само четворица, а еден сам се пријавил. Тројца од осомничените се во затвор, двајца во притвор, двајца уште од претходно биле недостапни, а шестмина не биле пронајдени.
-Катастрофално е дека човек којшто требаше да биде апсен, 10 минути пред да пристигне полицијата доби информација и сега е недостапен за органите на прогонот. За тоа некој мора да одговара, рече министерот Панче Тошковски по акцијата на 16 декември годинава.
На почетокот на ноември беа уапсени двајца пензионирани инспектори од МВР, кои се сомничат дека работеле за соперничкиот нарко-клан Грчец/Дуќанџик.
Во 2021 година, обвинителството ја спроведе акцијата Планина против оваа криминална група, но беа уапсени само „ситни риби“. Тогашната обвинителка Вилма Русковска се пожали дека акцијата им била пробиена.
Инаку, синот на Буши влезе во фокусот на јавноста пред две години кога полицијата го запре неговото ауди кое користело недозволени полициски флешери (ротациони светла на хаубата на автомобилот).
Се обиделе да го запрат во Чаир, но по бркотници со полицијата го стигнале на Качанички пат. Кога дознале дека е функционерски син, го пуштиле.
Дваесетина дена подоцна, истрагата покажа дека младиот Буши не бил кабает – автомобилот го возел некој друг.
Тројцата полицајци кои ги пуштиле добија дисциплински казни.
Извор:<a href="https://telma.com.mk/2024/12/29/sin-na-poraneshen-minister-za-vnatreshni-pod-somnezh-deka-kodoshel-za-kriminalna-grupa/"> Телма</a>