Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче и претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска се сретнаа во вила Водно на барање на шефот на опозициската партија.
Тој по средбата со медиумите сподели дека во разговорот со претседателката Гордана Силјановска Давкова изразил загриженост и ѝ укажал дека треба да реагира за работи кои се во нејзини ингеренции, како што рече, пред сè, „партизацијата којашто се случува во делот на безбедносните структури“. Разговарале и за процесот на евроинтеграциите и најави дека СДСМ ќе ја поддржи секоја подобрена позиција што ќе ја обезбеди Владата.
– Ѝ укажав на ризикот. Сметаме дека може да биде многу голем доколку настане фузија на двете безбедносни агенции, ако се продолжи со ваква партизација имајќи предвид дека сме имале едно такво лошо искуство во минатото, дека таква гломазна безбедносна партизирана институција може да се злоупотреби – изјави Филипче по средбата која ја оцени како пријатна, пријателска и конструктивна со цел натамошна конструктивна соработка.
Филипче порача дека ваква форма на политички дијалог на претседателката треба да прерасне во редовни средби.
Средбата ја побарал тој по последната седница на Комисијата за европски прашања каде имала излагање претседателката и го изнела искуството од Националниот совет за евроинтеграции.
Прашан дали на средбата добил информации за деблокада на евроинтеграциите и разговорите на Силјановска со бугарскиот претседател Румен Радев повтори дека СДСМ ќе поддржи секоја подобрена позиција којашто Владата ќе ја обезбеди согласно ветувањата и обидите.
– Ја информирав претседателката дека за време на преговорите кога ги водеше СДСМ, сме се обиделе уставните измени да бидат со одложено дејство, меѓутоа тогаш тоа од бугарска страна, од раководството на тогашниот премиер Петков, не било прифатено. Повторувам која било подобрена позиција ние ќе ја поддржиме – рече Филипче.
За да дадат поддршка во Собранието на предлог за уставни измени со одложено дејство рече дека „треба да добијат потврда дека тоа е возможно“.
– Многу опции, многу варијанти се работеле во изминатиот период. Јас имав состаноци коишто и тогашниот премиер Ковачевски, и тогашниот наш преговарач Маричиќ ми укажаа кои работи се обиделе да ги направат, што било возможно, што не било возможно. Ние успеавме да го направиме тоа. Сите други обиди меѓу другото и одложеното дејство на уставните измени тогаш бугарската страна не го прифатила. Што и да направи сегашната Влада, што ќе ги подобри нашите позиции ние тоа го поддржуваме – изјави Филипче.
Прашан дали ќе може да стане пракса да има почести средби со премиерот Христијан Мицкоски и кога би можело да се очекува средба со него, Филипче одговори дека е отворен за каква било средба.
– Јас сум отворен за каква било средба. Досега бевме целосно посветени во партијата на поставување на партиските структури. Сега имаме нов Централен одбор. Утре ќе заседава Централниот одбор и ќе го избере и новиот извршен одбор и потпретседателите. Веќе ќе бидат поставени сите структури во партијата и можеме да зборуваме за било какви состаноци – изјави претседателот на СДСМ.
Од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова велат дека на средбата со лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче биле разменети мислења за општествениот амбиент, со посебен акцент на политичките и безбедносните состојби.
„Во разговорот Венко Филипче ја информираше претседателката за актуелните партиски промени врзани за изборот и конституирањето на новите партиски органи и функционери. Во својство на претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче ја нагласи потребата од активна соработка на Советот со Владата во функција на спроведување на Планот за раст и Реформската агенда“, информираат од претседателскиот кабинет.
Оттаму додаваат дека Сиљановска Давкова го информирала за нејзиното видување на евроинтеграцијата и можните решенија за отпочнување на преговорите со Европската Унија.