Сѐ повеќе граѓани се жртви на измами со биткоини во Македонија, а овој пат, мета се охриѓани. Во вторникот двајца охриѓани биле жртви на телефонски измами, еден од нив бил оштетен за сума од 730.000 денари, а другиот бил измамен за сума од околу 6.000 евра.
На 26 ноември 2024 година, во 11.00 часот во СВР Охрид, 54-годишник од Охрид пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од околу 730.000 денари. Според пријавеното, лицето му се јавило на 15 ноември 2024 година и се претставило како претставник на фирма која работи со биткоини и дека е добитник на 15.000 долари како нивен корисник, а потоа му кажало дека за да ги подигне, ќе треба да инсталира апликација преку која ќе се изврши наплатата, но дека прво ќе треба да изврши уплата на одредена сума на пари.
„Како што е пријавено, во два наврата тој ги уплатил парите, за што подигнал и брз кредит од финансиско друштво. Исто така, според пријавеното, на 24 ноември 2024 година им пишал на нивната електронска адреса со барање за информација кога ќе ги добие парите, а откако го известиле дека биле заглавени во Народна банка, пишал и на официјалната електронска адреса на банката, од каде што добил известување дека тие не се нивни уплатници и дека најверојатно станува збор за измама“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
„На 26 октомври 2024 година, во 15.30 часот во СВР Охрид, 47 -годишник од Охрид пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од околу 6.000 евра. Според пријавеното, пред извесно време на една апликација отворил негов електронски паричник и уплатил 100 евра, но парите му пропаднале и не пријавил затоа што станувало збор за помала сума. Како што е пријавено, на 20 ноември 2024 година, на социјална мрежа забележал објава со понуда за враќање на украдени пари и се регистрирал, а по неколку дена му се јавило лицето и тој го запознал со неговиот проблем“, се наведува во соопштението на МВР.
Исто така, според пријавеното, по неколку дена лицето повторно му се јавило и го известило дека на неговата сметка во Народна банка имал заглавени 15.630 долари и „за да можат да ја извршат уплатата, ќе требало да инсталира една апликација и да го зголеми лимитот во неговата банка на приближно иста сума колку што треба да му биде исплатено“. Откако сторил како што му било кажано, забележал дека од неговата сметка биле направени две трансакции од 6.000 евра.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.