Пораката од Брисел е многу позитивна дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија, како и на целиот регион на Западниот Балкан, но треба да ги завршиме задачите што ги имаме како држава за да ја поминеме оваа фаза и да отвориме нова страница во процесот на зачленување во Европската Унија, изјави за МИА вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кој престојува во работна посета на Брисел на покана на тинк-тенкот „Пријатели на Европа“.
– Примивме јасни пораки дека постои еден моментум кој го немаше досега, за да продолжиме на европскиот пат на нашата земја и за да го интегрираме Западниот Балкан во ЕУ. За жал, овие прилики настанаа по руската инвазија врз Украина и веќе сите во Брисел и во сите главните градови на ЕУ ја сфаќаат значајноста на овој моментум, важноста од интегрирањето на Западниот Балкан во ЕУ и на некаков начин и политичката сплотеност на европскиот континент – нагласи Фетаи.
Вицепремиерот информира дека слични пораки биле упатени и на Конференцијата за состојбите на Европа, во чии рамки се одржа и панел посветен на политиката на проширување на ЕУ.
– Пораките беа кристално јасни дека постои еден извонреден моментум, кој треба да го искористиме како Западен Балкан и да ги завршиме останатите обврски. Тоа што се очекува од нас се знае. Треба да ги заокружиме уставните измени, со што конечно ќе бидат отворени преговорите со ЕУ – додаде Фетаи.
Тој имал средби и со новиот известител на Европскиот парламент за Северна Македонија, европратеникот Томас Вајц кој доаѓа од австриската партија Зелени, како и со „старата пријателка на нашата земја и на Западниот Балкан“, Улрике Луначек, која, како што нагласи, е голем застапник на политиката на проширување на ЕУ.
На средбата станало збор и за борбата против корупцијата и за зајакнување на владеењето на правото, при што Вајц ветил дека во оваа насока ќе помага за решавање на „вонредните состојби наследени од власта на СДСМ и ДУИ“, кои, според Фетаи, не презеле никакви чекори во насока на борбата против криминалот и корупцијата.
– Во 2023 година немавме пресуди за случаи на корупција затоа што го сменија Кривичниот законик заради политички пазарења и нам ни останува да ги решаваме овие штети што ги наследивме во судството, обвинителството и Академијата за судии и обвинители – рече Фетаи.
Според него, сите овие закони се дел од нашата реформска агенда за приближување кон Европската Унија, кои треба да бидат преточени во конкретни резултати до крајот на оваа година. Во однос за оценката во Извештајот за напредокот на земјава на европскиот пат дека постои поларизација на нашето општество, Фетаи оцени дека и заканата по живот што му била упатена е показател на таа поларизација.
– Ова покажува дека екстремистичките сили, како Левица, успеале да ги поларизираат луѓето, да ги поларизираат граѓаните и заедниците меѓу себе. Ова не е агендата што треба да ја следи Северна Македонија, која има за цел да стане членка на Европската Унија. Ова е руска агенда и тоа треба да се каже. Проруските и екстремистичките сили во нашата земја треба целосно да се игнорираат, јас одбивам да комуницирам со Левица, иако тие ме етикетираа за многу работи, како дека немам македонско државјанство, што беше чиста лажна вест. Јас сум државјанин на Македонија и секогаш сум бил државјанин на Македонија. Ме етикетираа како шпион на косовскиот премиер Албин Курти и што знам уште какви други будалаштини – рече Фетаи.
Тој потенцира дека во Белгија демократските сили и традиционалните демократски партии, одбиваат да комуницираат со екстремната десница, пример кој би требало да се следи и во нашата земја.