Советот на Општина Центар на 43. седница со 18 гласа „за“, два „воздржани“ и ниеден „против“, го усвои буџетот за 2025 година. Проектираниот основен буџет е рекорден, со вкупна сума од 1.086.250.000 денари. Од овој износ, дури 45 проценти се наменети за капитални проекти, додека преостанатите 55 проценти ќе се користат за тековно и оперативно функционирање на општината, информираат од локалната самоуправа и велат дека одлуката на Советот ја поздравил и градоначалникот Горан Герасимовски.
– Сакам да се заблагодарам на советниците и на администрацијата на општината за успешната реализација на многуте квалитетни проекти во текот на оваа година, во интерес на граѓаните. Со програмата и буџетот за следната година, верувам дека ќе имаме уште поголем број проекти што заедно ќе ги реализираме. Благодарност и за поддршката и гласовите што Советот ги даде за новиот буџет за 2025 година за да можеме да креираме буџет што ќе одговори на потребите на сите наши сограѓани – изјави Герасимовски.
Од општина Центар посочуваат дека буџетот за наредната година е развоен, реален и транспарентен, а приоритетните капитални проекти се: финализирање на реконструкцијата на спортската сала „Работнички“, изградба на нова општинска зграда со подземен паркинг, реконструкција на улиците во локалитетот Тасино Чешмиче, во населбата Капиштец и во реонот на Дебар Маало, реконструкција на улицата „50 Дивизија“, пренамена на улицата ,Мирослав Крлежа во пешачка зона и модернизација на јавното осветлување со воведување ЛЕД технологија и примена на современи техники за управување и надзор.
Во областа на образованието, додаваат, обезбедени се средства за реконструкција на училиштата, набавка на униформи за учениците, информатичка опрема, како и за инсталирање фотоволтаични системи на три детски градинки. Во делот на животната средина, акцентот е ставен на набавка на мерни сензори за бучава, мобилни уреди и мапирање на бучавата, а планирани се средства и за санација и поставување урбана опрема, реконструкција на игралишта, паркови и зелени површини.
Како што нагласуваат, во сегментот социјална заштита обезбедени се средства за новиот проект „итно копче“ за помош во итни ситуации за повозрасни лица и пакет услуги за деца и жени жртви на насилство, како и превенција од дроги и зависности. Во програмата за култура, на барање на советниците додаден е проектот ,,Прошетка со граѓаните за запознавање на знаменитости на Центар“.
Во делот на спортот, пак, обезбедено е финансирање на КК ,,Работнички” и организација на натпревари во рамките на Лига Центар, со цел да се поттикне спортската активност и да се создадат услови за развој на младите спортисти.
„Во буџетот се предвидуваат финансии и за одржување на постојната инфраструктура, сервисирање тековни потреби на граѓаните и редовните проекти од сите сфери кои се покажаа како успешни, меѓу нив: сервис за стари лица, еднократна помош за новороденчиња и социјално загрозени семејства, стипендии за талентирани ученици и ученици од семејства во социјален ризик, Феникс награда, награди за најдобрите наставници и негувателки, како и обезбедување средства за хигиена и тековно – оперативни трошоци во градинките и основните училишта во Општина Центар“, прецизираат од локалната самоуправа.