За кратко време таа успеа да влезе во историјата како прва африканска пејачка која освоила три награди во една вечер на MTV EMA (European Music Awards).
Нејзе и беа доделени наградите за најдобар африкански уметник, најдобар афробит, како и наградата за најдобар R'n'B изведувач, што ја изненади и самата пејачка.
- Јас сум шокирана како и вие. Знам дека е тешко да ја категоризирам мојата музика, мешам премногу жанрови во еден, но R'n'B има најголемо влијание врз мојата музика. Посебно Алија, таа е еден од моите идоли - изјави Тајла откако ѝ беше врачена наградата.
На EMA наградите таа се појави во специјално издание. За да му оддаде почит на својот идол, таа носеше сина верзија на иконскиот фустан Кавали што Алија го носеше на доделувањето на видео музичките награди на MTV во 2000 година.
Тајла има само 22 години, родена е во Еденвејл, а многумина ја сметаат за наследничка на Ријана, па се шегуваат дека Рири не мора да избрзува со нов албум, бидејќи ја имаме Тајла да ја „пополни таа празнина“.
Јужноафриканската пејачка речиси преку ноќ стана ѕвезда. Нејзината популарност расте од ден на ден.
Таа неодамна го издаде својот прв албум „TYLA+“, од кој се издвоија песните „Push 2 start“, „Shake ah“, „Back to you“ и други.
Една од нејзините најпознати песни е „Water“, во која огнената Тајла изведува заводлива кореографија додека се полева со вода.
Како што изјавила во едно интервју, тој потег на почетокот бил срамен, а кога сфатила дека им се допаѓа на луѓето, продолжила да го повторува и на други настапи, па со текот на времето станал нејзин заштитен знак.