<span style="color: rgb(33, 33, 33); font-family: "Open Sans", sans-serif; letter-spacing: -0.16px;"><b>Црквата го определила овој ден за празник во чест на сите ангели, а најмногу на свети архангел Михаил кого го смета за водач на сите небесни сили.</b></span>
Именден слават: <i>Ангел, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка…</i>
Празникот Собор на свети архангел Михаил што се празнува на 21 ноември според новиот (или на 8 ноември според стариот) календар меѓу народот е познат едноставно како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден. Многу семејства го имаат за домашен празник и го празнуваат со домашни служби, а и општо е верувањето дека тој спаѓа меѓу поголемите празници.
Овој празник е утврден во четвртиот век, за да го дефинира правилното почитување на ангелите. Празниот е во чест на сите ангелски чинови. Наречен е Собор на свети архангел Михаил, зашто архангел Михаил е војвода на целата ангелска војска. Учењето за ангелите е инаку собрано во книгата на псевдо-Дионисиј Ареопагит „За небесната хиерархија“. Постојат девет ангелски чинови: шестокрилите Серафими, многуоките Херувими, богоносните Престоли, потоа Господствата, Силите, Властите, Начелата, Архангелите и Ангелите.
Пред да го создаде материјалниот свет (земјата, небото, ѕвездите, човекот итн.), Господ го создал духовниот свет ‒ ангелите. Ангелите се духови поради што се невидливи, а за подобро да бидат сфатени и за да се создаде претстава за нив на фреските и иконите се претставени во човечка форма. Тие се Господови гласници (ангел значи весник) ги пренесуваат божјите заповеди поради што на фреските се претставени со крилја. Тие се поим за младост и безгрижност поради што се претставени како деца бидејќи староста, обелувањето на косата и брчките на лицето се последица на животните грижи и страдања. Тие се насликани во бела облека што симболизира душевна чистина и невиност. Единствено архангел Михаил е претставен во војводска облека. Зошто архангел Михаил е насликан како војвода?
Во почетокот сите ангели биле добри. Подоцна некои од нив станале лоши, се одметнале од Бога и почнале да прават злодела. Нив ги викаме ѓаволи. Еден меѓу нив по име Деница, заслепен од големата моќ што му ја дал Бог, се одметнал од Бога, собрал големо друштво и создал цело невидливо небесно духовно царство. Свети архангел Михаил го победил, го симнал од небото, а и подоцна продолжил да се бори за славата божја поради што е претставен во војводска облека со меч и копје во рацете.
Тогаш, кога некои ангели почнале да го напуштаат Бога и станале лоши архангел Михаил ги собрал сите ангели и како знак на верност кон Бога почнал заедно со нив да ја слави Света Тројца со песната: Свет, Свет, Свет е Господ Саваот. Во спомен на овој собир црквата го востановила празникот Собор на свети архангел Михаил што се празнува на 21/8 ноември. Со овој празник им се оддава признание на сите ангели кои ги има безброј. Зошто токму на овој ден се празнува денот на ангелите? Според некои истражувачи месецот ноември е одбран поради тоа што во поранешното сметање на времето, кога годината започнувала од март, ноември бил деветти месец, а девет се чиновите ангелски. Денот осми (според стариот календар) е одбран поради тоа што на осмиот ден од страшниот суд ќе дојде Исус да им суди на живите и мртвите.
Како што беше споменато се верува дека има многу ангели. Тие претставуват цела небеска војска раководена од Господ Саваот (а Саваот значи господар или командант над војската). Тие се поделени во девет чинови, групирани по три степени, со по три чина. Во првиот степен влегуваат шестокрилите серафими, многуоките херувими и престолите, во вториот спаѓаат господствата, силите и властите и во третиот начелниците, арангелите и ангелите. На некои им се знаат и имињата како на пр. Гаврил, Рафаил, Урило, Салатиј, Егудило, Вархило.
Во народното верување архангел Михаил е претставен како со меч им ги зема душите на луѓето, поради што во некои места (Радовиш) е наречен „Арангел душевадник“.
<b>*Свечена церемонија и славска трпеза</b>
Арангел традиционално се празнува со палење свеќа и кршење на славската погача, со молитва посветена на светиот Архангел Михаил. На трпезата се служат посни или мрсни јадења, во зависност од датумот на празникот. Ако падне во среда или петок, тогаш храната е посна.
<b>*Молитва за заштита и мир</b>
Празникот е време кога верниците се молат на свети Архангел Михаил да ги заштити нивните домови, семејства и заедница од злото. Иконата на светителот го зазема централното место во домот, а пред неа се палат свеќи и се кажуваат молитви.
<b>*Забрането е извршување на потешки работи</b>
Како и кај повеќето големи празници, традицијата налага дека на Денот на Арангел треба да се избегнува тешка физичка работа како што се работа на нива, сечење дрва и шиење. Овој ден треба да биде посветен на молитва, одмор и празнување.
<b>*Помагање на сиромашните и донирање</b>
Во некои делови постојат обичаи да се донираат храна и пари на оние на кои им е потребна помош, верувајќи дека Светиот Архангел Михаил ќе им врати благослов на оние кои им помагаат на другите.
<b>Свадби и прослави</b>
На овој ден не се организираат венчавки, бидејќи Архангел е духовен празник кој симболизира молитва и тишина. Се смета дека денот е посветен на семејно заедништво и почитување на светецот, а не на бучни прослави.
<b>Избегнувајте конфликти</b>
Се верува дека на овој ден е исклучително важно да се одржи мирот во домот и да се избегнуваат кавги. Свети Архангел Михаил е симбол на правдата и мирот, па се верува дека конфликтите можат да донесат несреќа во семејството.
<b>Непосветување на празникот</b>
Отсуството на молитва и непочитувањето на обичаите на денот на Архангел се толкуваат како непочитување на самиот светец. Семејството треба да го помине денот во заедништво, молитва и љубов.
Овие празници имендените се одбележуваат и треба да се прославуваат на христијански начин – така што акцентот нема да биде ставен на храната, забавата и музиката, туку на духовната димензија на празникот. Најважно е да се дојде во црква и да се присуствува на божествена литургија. Секако, се прави колач или помало лебче, наречено панагија (во спомен на Пресвета Богородица), варена пченица (коливо) и се носи во црква, покрај колачот (лебот) и пченицата, треба да има и црвено вино и свеќа.
Ако не се направи овој најважен и суштински дел, а се посвети целото внимание и време на ручекот со блиските, тогаш е напразно. На Бога и на светителот не му е угодно такво славење. Без молитва и без благослов. Тогаш, таквиот ден нема многу да се разликува од останатите денови.
Треба да знаеме дека, светителите коишто ги славиме како имендени, тие самите Бог го прославиле во својот живот. Тие се светилници што го покажуваат патот кон Бога и вечниот живот. Светителите се неодвоив дел од животот на црквата. Бесмислено е да славиме без да се отиде во црква, без молитва и да се благослови (крени) лебот со виното и варената пченица.
Ако именденот е во ден кога се пости (среда или петок), или во повеќедневни пости, трпезата задолжително треба да се состои од посни јадења. За жал, во последно време сè поголем е бројот на оние семејства, кои, за да им угодат на гостите и за што подобро да ги „пречекаат“ и „нагостат“, го нарушуваат светиот поредок на црквата. Но, на таков начин, тие семејства во суштина не слават именден, туку слават гозби, со кои се исмејуваат и на Бога и на самиот светител. И за жал, многумина имендените ги слават на таков начин, а благословување (кревањето )на лебот не го исполнуваат. По молитвите на мајката божја и сите наши светии според кои се именуваме со нашите имиња, Господ Бог да не спаси и помилува со неговата милост!