Премиерот Христијан Мицкоски попладнево одговори потврдно на
прашањето дали ќе има повисоки плати во образованието.
– Да, од овој месец треба платата во основното и во средното
образование да биде повисока за пет проценти. Мислам сега на таа во ноември за
октомври што е исплатена, појасни премиерот, по посетата на Стопанската комора
за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.
Тој додаде дека во април 2025 година, практично со
мартовската плата, ќе има зголемување за дополнителни седум проценти. Во април
2026 година, од 7 ипол до 10 проценти, како што посочи премиерот, во зависност
од кондицијата на буџетот.
– Април за март 2027 година, повторно 7 ипол до 10 отсто и
веќе април 2028 за март 2028 година – од 10 до 12 ипол проценти. Така што,
минимум во овој дијапазон временски, платата ќе биде на просечна во
образованието зголемена за 46 проценти, а максимум до 60 отсто, што мислиме
дека навистина ќе дојдеме до едно пристојно ниво, истакна премиерот.
Тој смета дека не е доволно, но тоа било во рамките на
можностите.
– Бидејќи во моментот, ако просечната плата во државата е
повеќе од 41 илјада денари, во образованието е 9 илјади денари помалку, околу
32 илјади денари, додаде Мицкоски.