Зградата „Политика“ во центарот на Белград е продадена на компанијата М29 во сопственост на Бобан Рајиќ, чија компанија Медиа 026 е косопственик на компанијата „Политика новине и магазини“, објавено е на порталот „Политика“.
Како што е наведено, од јануари 2006 година, сопственик на седумнаесеткатницата на Трг Политика бр.1, во која повеќе од половина век се наоѓа редакцијата на весникот „Политика“, била НЛБ банка Љубљана.
НЛБ банка, односно под тогашното име Комерцијална банка со мнозинска сопственост на државата Србија, тогаш потврди дека станала сопственик на деловната зграда на Политика, на име намирување на долгот на „Политика“ кон банката во износ од 37,1 мил. евра.
Според пишувањата на медиумите, Бобан Рајиќ од 2022 година е сопственик на 50 отсто од компанијата „Политика нови и магазини“, додека другата половина е во сопственост на „Политика АД“. Компанијата на Рајиќ Медиа 026 доо е и сопственик на 98 отсто од акциите во Вечерње новости од 2019 година, за цена од два милиони евра.
Инаку, акционерското друштво за весничко-издавачка и графичка дејност „Политика“ кон средината на октомври годинава објави продажба на 50 отсто од својот удел во капиталот на компанијата „Политика нови и магазин“ преку збир на писмени затворени понуди.
Во тогашниот оглас објавен во дневниот весник Политика, беше наведено дека проценетата вредност на 100 отсто од капиталот на компанијата „Политика нови и магазини“ изнесува 2.217.669.000 динари, а проценетата вредност на предметот на продажба, е 50 отсто учество во капиталот и изнесуваше 1.108.834.000 динари.
Исто така, беше истакнато дека доставените понуди не смеат да изнесуваат помалку од 50 отсто од проценетата вредност, односно помалку од 554.417.000 динари.
Но, бидејќи никој не се јави на првата покана, на почетокот на декември беше објавена втора, каде беше наведено дека доставените понуди не смеат да изнесуваат помалку од 20 отсто од проценетата вредност, односно помалку од 221.766.900 динари. .
Политика АД е основана во 1998 година како акционерско друштво во сопственост и контролирано од државата.
WAZ Media Group купи 50 отсто од акциите во 2001 година, а денес, според пишувањата на медиумите, Србија е директен акционер со 18,5 отсто удел во компанијата, но контролира 85 отсто преку различни државни институции и јавни претпријатија, како што е Републичкиот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување (кој има удел од 29,4 проценти во Политика АД), Фондот на акционери што работи во рамките на Министерството за финансии (10 проценти) и Републичкиот фонд за здравствено осигурување (10 проценти).
Останатите 15 отсто се во сопственост на НЛБ банка (1,2 отсто), АИК банка (0,8 отсто) и повеќе од 6.400 различни физички лица кои поседуваат помалку од 0,7 отсто.