Изборниот материјал за парламентарните избори во Албанија, што ќе се одржат на пролет следната година, ќе биде и на македонски јазик, како и на јазиците на останатите осум малцинства, признати со законот донесен во 2017 година.
Ова го <a href="https://republika.mk/vesti/balkan/izbornoto-livche-za-izborite-vo-albanija-ke-bide-i-na-makedonski-jazik/">соопштил</a> претседателот на Централната изборна комисија, ЦИК, Илиријан Целибаши, на средба со претставниците на националните малцинства, поточно членовите на Комитетот за малцинства, каде претставник на македонското малцинство е Марјана Костофски.
– Во фокусот на средбата беше до сега сработеното во однос на информирањето на националните малцинства на нивниот јазик за изборниот процес, како и тоа што треба понатаму да се направи, со цел подобрување на информираноста и нивна едукација за претстојните избори. Го истакнав правото на секој да добива информации за изборите и пред сè преку сите средства за информирање, објави Целибаши.
Додава дека ја изразил целосната подготвеност на ЦИК да го направи она што е најдобро за прашањата за кои има интерес секое национално малцинство.
– На оваа средба со националните малцинства истакнав дека изборните материјали ќе бидат преведени на мајчин јазик, за 9-те национални малцинства кои се законски признати во Албанија, напиша Целибаши.
Парламентарните избори, 11-ти по ред, по падот на тоталитарниот режим ќе се одржат на пролет, за што датумот треба да го одреди шефот на државата, Бајрам Бегај, во средата ги почна средбите со политичките партии. Според изборниот законик треба да биде датум од последната недела на април или првата недела од мај месец