Министерот за правда на Црна Гора, Бојан Божовиќ, потпиша решение со кое се наредува екстрадиција на До Квон, познат и како „Крал на криптовалутите“ во Соединетите Американски Држави (САД).
Во соопштението на Министерството за правда на Црна Гора, се наведува дека државниот Врховен суд претходно донел пресуда со која се утврдува дека се исполнети условите пропишани со закон за екстрадиција на До Квон по барањето за екстрадиција од надлежните органи на Република Јужна Кореја и барањето за екстрадиција од надлежните органи на САД.
Се наведува дека биле земени предвид фактите и околностите, земени се предвид тежината на кривичните дела, местото на извршување, редоследот на поднесување на барањето, државјанството на бараното лице и други околности.
„Констатирано е дека повеќето критериуми предвидени со законот го поддржуваат барањето за екстрадиција од страна на надлежните органи на САД, а министерот за правда донесе решение со кое се дозволува екстрадиција на Квон До Хјунг во САД, а во исто време одбивање екстрадиција во Република Јужна Кореја“, се наведува во соопштението на Министерството за правда на Црна Гора.
До Квон, јужнокорејски државјанин, беше ко-основач и извршен директор на лабораториите Terraform со седиште во Сингапур и се смета за одговорен во САД за измама на граѓани бидејќи инвеститорите изгубија повеќе од 40 милијарди долари по колапсот на криптовалутите Terra и Luna и Teraform Labs.
Тој беше уапсен минатата година во Подгорица.