Украински тајни командоси го разнеле гасоводот Северен тек во септември 2022 година, според истрага објавена од германскиот неделник Шпигел. Понатаму се наведува дека во таа акција учествувале и тим од агенти и нуркачи аматери, а дел од сторителите наводно имаат долгогодишни врски со американската ЦИА.
Германскиот весник наведува дека голем број индиции укажуваат дека вкупно десет мажи и една жена од Украина, од кои дел се цивили, а дел војници, се одговорни за најголемиот чин на саботажа во историјата на Европа.
Како што се посочува, тие биле ангажирани и обучени од група која со години планирала и спроведувала тајни операции за украинскиот безбедносен апарат.
Весникот посочува дека ги идентификувал сторителите на саботажа по двегодишно истражување во Европа, во тајните служби, воените зони, како и во главниот град на Украина Киев.
Забележано е дека имињата на извршителите на саботажата не може да се соопштат, бидејќи најверојатно потоа би станале цел на Русија.
Се вели дека новинарите на весникот максимално ги проверувале информациите што им ги дале сторителите, бидејќи истражувачкиот тим разговарал со западните разузнавачки служби и истражители, експерти за нуркање и експлозиви, проценувале податоци и доверливи документи, следеле информации на Интернет.
Криминална полиција, разузнавачки агенти и обвинители од десетина земји трагаа по сторителите на саботажата. Некои се сомневаа во Русија, повикувајќи се на руски бродови кои крстареле по Балтичкото Море пред нападот. Други се сомневаа дека зад нападот стојат американски воени нуркачи.
Разнесувањето на гасоводот „Северен тек“ беше и напад врз долгорочното снабдување со енергија на Германија, пишува весникот. Германскиот сојузен обвинител сега истражува две лица осомничени дека ја извршиле саботажата.
„Шпигел“ и „ЗДФ“ минатата година објавија дека операцијата била извршена со помош на едрилицата „Андромеда“, на која биле пронајдени траги од експлозив. Во август годинава, еден од украинските нуркачи осомничен за саботажа им побегнал на истражителите.
По него беше распишана европска потерница, тој беше лоциран во Полска, но очигледно украински дипломат во последен момент го спровел на безбедно, по предупредувањето од полските власти, наведува весникот. Досега никој не е уапсен за саботажа, па дури и обвинет.
Саботажата на „Северен тек“ беше тајна операција, а три цевки од руските гасоводи „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ експлодираа на дното на Балтичкото Море.