Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Путин на Денот на победата предупредува на можноста од глобален судир

9 мај 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Рускиот претседател Владимир Путин денеска го обвини Западот дека ризикува глобален конфликт и кажа дека никому нема да му биде дозволено да и се заканува на најголемата нуклеарна сила во светот, одбележувајќи ја победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна.

Додека руските трупи напредуваат против украинските сили, кои се поддржани од Западот, Путин ги обвини „арогантните“ западни елити дека заборавиле на одлучувачката улога што Советскиот Сојуз ја одигра во поразот на нацистичка Германија и поттикнувањето конфликти низ светот, пренесе Хина.

- Знаеме до што води неумереноста во ваквите намери. Русија ќе направи се за да спречи глобален конфликт, рече Путин на Црвениот плоштад откако министерот за одбрана Сергеј Шојгу направи смотра на многубројните построени сили.

Но, додаде тој, истовремено нема да дозволиме никој да ни се заканува.

-Нашите стратешки сили се секогаш во состојба на борбена готовност, рече тој.

Путин, кој ја испрати својата војска во Украина во 2022 година, ја гледа војната како дел од борбата со Западот, која, според него, ја понижи Русија по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година со навлегување во „сферата на влијание“ на Москва.

Украина и Западот го обвинуваат Путин за грабеж на земјиште во империјален стил. Тие ветија дека ќе ја победат Русија, која моментално контролира околу 18 отсто од Украина, вклучувајќи го и Крим и делови од четири региони во источна Украина. Русија тврди дека овие области, некогаш дел од Руската империја, сега повторно се дел од Русија.

Советскиот Сојуз изгуби 27 милиони луѓе во Втората светска војна, многу од нив во Украина, за на крајот да ги истурка нацистичките сили назад во Берлин, каде Хитлер изврши самоубиство. Црвеното советско знаме на победата беше подигнато над Рајхстагот во 1945 година.

Безусловната капитулација на нацистичка Германија стапи на сила во 23:01 часот на 8 мај 1945 година, а во Франција, Велика Британија и САД се слави како „Ден на победата во Европа“. Во тоа време, во Москва веќе беше 9 мај, што подоцна стана „Ден на победата“ во Советскиот Сојуз во таканаречената Голема патриотска војна од 1941-45 година.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ