Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

„Политико“: Изборните резултати може да ја искомплицираат амбиција на Македонија за влез во ЕУ

9 мај 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Конзервативната партија ВМРО-ДПМНЕ во Македонија треба да се врати на власт по седум години, постигнувајќи голема победа на вчерашните парламентарни и претседателски избори, наведува бриселскиот портал „Политико“ во освртот на изборните резултати.

- Ваквиот исходот се очекува дополнително да ја искомплицира долгогодишната амбиција на Македонија за пристапување во Европската Унија, како и нејзините односи со соседните Бугарија и Грција, оценува порталот.  

Во текстот се посочува дека иако извојуваа убедлива победа, конзервативците ќе треба да формираат коалиција за да обезбедат мнозинство во 120-члениот Парламент, бидејќи според првичните резултати имаат 59 пратеници. 

Во исто време, додава порталот, претседателската кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова ќе стане првата жена носител на функцијата претседател на државата, која е главно церемонијална.  

„Политико“ потсетува дека во 2018 година земјата постигна историски договор, менувајќи го името и Уставот и ставајќи крај на деценискиот спор со Грција, што и овозможи да влезе во НАТО во 2020 година.  

Меѓутоа, додава порталот, во последните две години, Бугарија ја блокираше кандидатурата на Северна Македонија за ЕУ, барајќи да се измени нејзиниот Устав „за да се признае бугарското малцинство во земјата“. 

- Гласачите во малата балканска земја со два милиони жители изразија фрустрација поради корупцијата, бавното темпо на реформите и бавниот напредок на кандидатурата на Северна Македонија за влез во Европската унија, заклучува „Политико“ во текстот посветен на вчерашните двојни избори во земјава. 

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ