Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до
граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.
„На денешен ден со гордост и чест им оддаваме заслужена
почит на македонските партизани кои во 1941 година се кренаа на востание и ја
започнаа народноослободителната борба.
11 Октомври е меѓникот што ја одреди нашата сегашност и
иднина, денот кога ние храбро и одлучно се вклучивме во антифашистичката
коалиција на слободољубиви и правдољубиви народи, со што ја избравме
вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото, цврсто
решени да ги победиме окупаторите и да се избориме за слободна национална
држава.
Благодарни на хероите за нивната натчовечка жртва, имаме
одговорност кон нив, но и кон нашите деца и внуци да продолжиме да ја градиме
македонската држава согласно идеалите што ни ги оставија во аманет, оти
чувањето на татковината е важно колку и чинот на нејзиното ослободување.
Секоја генерација се соочува со нови предизвици. Изминативе
33 години ние се боревме за признавање на независноста и добивање заслужено
место во европското семејство и во меѓународните организации, за зачувување на
мирот и градење демократија.<span style="mso-spacerun:yes"> </span>
Борбата за нашите правдини, но и за правна држава,
продолжува.
Да ве потсетам: нашите предци се сплотија и заедно го
постигнаа она што не можеа да го остварат засебно – слободна македонска држава.
Ве повикувам да ги надминеме меѓусебните делби и да се
обединиме во заедничката борба за просперитетна европска држава и за праведно
македонско општество.
Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на Народното востание!“
– вели Давкова.