Демократскиот сојуз ја поздравува одлуката на Уставниот суд
да го укине т.н. Балансер, алатката за вработување според етничка припадност,
со која директно се кршеше начелото на уставно загарантирано право на работа и
слободен избор на вработување на сите граѓани, независно од нивната етничка,
верска и социјална припадност.
Балансерот поттикна бројни злоупотреби и направи вистинска
карикатура од декларирањето на етничката припадност на граѓаните, кои само за
да се доберат до работно место во државната администрација, масовно лажно се
прикажуваа како Албанци, Македонци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби, велат од
ДС.
Демократскиот сојуз нагласува дека мерит-системот треба да
биде единствената алатка за вработување и унапредување на повисоки раководни
места во државните и јавните институции. Што се однесува до соодветната и
правична застапеност на етничките заедници, која исто така е уставна
категорија, важно е да потенцираме дека припадниците на етничките заедници може
да имаат предност при вработувањето во државните и јавните институции на
национално и на локално ниво, единствено доколку со другите кандидати се
изедначени во професионалните квалитети. Тоа е суштината на позитивната
дискриминација која се применува како успешен модел во некои мултиетнички
општества на Запад, соопшти ДС.
Етничката припадност не може и не смее да биде критериум за
вработување и за унапредување на раководни позиции во јавните институции.
Законот за правична застапеност кој се најавува како замена за укинувањето на
т.н. Балансер, мора да ги има предвид овие европски и светски стандарди, се
наведува во соопштението на ДС.