Претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески за денеска во 18 часот закажа итна вонредна седница на која треба да се расправа за нефункционирањето на јавниот превоз во Скопје.
Автобусите на ЈСП престанаа да возат поради недостиг на гориво. Македонската метропола остана без јавен превоз.
„Нефункционирањето на јавните претпријатија во надлежност на Градот Скопје, задолжени да обезбедуваат витални услуги за граѓаните, достигна кулминација. Советот на Град Скопје на 21 ноември, ќе одржи итна вонредна седница со почеток во 18 часот. Советот, во рамките на своите надлежности, е подготвен низ конструктивна расправа да усвои заклучоци со кои ќе побара од надлежните, пред сè од градоначалникот Арсовска и директорите, итно да го нормализираат јавниот превоз на територијата на Скопје и да го подигнат нивото на хигиена“, објави Славески на социјалните мрежи.
Свикување вонредна седница за проблемите со превозот вчера побара и опозициската СДСМ. Лидерот на партијата Венко Филипче преку соопштение предупреди дека состојбата во Скопје е алармантна и градот е во криза.
„Иницирана е итна седница на Советот на Град Скопје за да се изнајдат конкретни мерки за излез од кризата. Доколку и овој обид за заедничка акција биде опструиран, ќе го преиспитаме нашето учество во Советот, бидејќи нема да бидеме параван за лошите политики што го уништуваат нашиот град“, соопшти Филипче.
Катастрофалната ситуација со ЈСП продолжува и денес. Од вчера попладне на градските улици се обраќаат само 25 автобуси – оние кои се движат на гас, додека останатите се паркирани во автобазите на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров поради недостиг на гориво.
Африм Муча, претседател на Независниот синдикат на возачите во ЈСП „Скопје“ за МИА синоќа изјави дека состојбата е многу сериозна, дури и алармантна бидејќи, како што рече, речиси 70 проценти од возилата се паркирани.
„Одговорот е едноставен, нема нафта. Возачите беа повикани да дојдат на работа, но тие се во базите во Автокоманда и во Ѓорче Петров заедно со автобусите бидејќи нема нафта и ТНГ. Во моментов мислам дека околу 70 проценти од автобусите на ЈСП се паркирани во базите. Низ градот сообраќаат мал број двосменски автобуси кои имаат наточено нафта пред два дена, како и возилата со ТНГ. За нормално функционирање на ЈСП на дневна основа се потребни 25 тони нафта, што не ја добиваме. Нафтата вообичаено ни ја доставува „Пуцко Петрол“ во базите на ЈСП „Скопје“, но бидејќи должиме поголема сума на пари, деновиве не ни доставуваат нафта. Во ЈСП „Скопје“ работат 1.200 луѓе и нема да дозволиме некој да си поигрува со нивните судбини“, рече Муча.
И Миќо Стојановски од ССМ ЈСП Скопје потврди дека проблемот со јавниот градски превоз во Скопје и малиот број на автобуси кои сообраќаат низ градот е поради недостигот на гориво. Нема дистрибуција на нафта од „Пуцко Петрол“ за ЈСП „Скопје“ поради голем долг.
„Причина за тоа е меѓусебниот однос меѓу градоначалничката Данела Арсовска, претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески и Советот на Град Скопје и одлуките кои ги носат. Имаше најава од Град Скопје дека ќе се нормализира дотурот на нафта за ЈСП, но тоа не се случува. Проблеми со нафта има и ЈП „Комунална хигиена“ Скопје поради што само дел од камионите собираат смет. Затоа сите синдикати на јавните градски претпријатија планираме од понеделник да одржиме заеднички состанок на кој ќе одлучиме какви мерки ќе преземеме“, изјави Стојановски за МИА.
Според приватните превозници, за да биде во целост исполнет зимскиот возен ред по одлука на Совет за линиски превоз на патници во Град Скопје потребни се 352 автобуса или со резервни вкупно 444 автобуси. Наведуваат дека во моментов на дневно ниво недостасуваат од 160 до 200 автобуси.
Од вчера попладне сообраќаат само 25 автобусишто возат на гас, а останатите се паркирани во автобазите на ЈСП во Автокоманда и во Ѓорче Петров.
Од Град Скопје одговорноста за кризата ја префрлаат на совтениците на ВМРО-ДПМНЕ и на директорката на Бирото за јавни набавки поради поништената постапка за набавка на гориво за автобусите.
За утре е најавен голем протест пред Град Скопје. Го организираат жителите на Шуто Оризари, на чело со градоначалникот. На протестот ќе се придружат студентите. Повикни се сите скопјани да дојдат.