Цената на парното греење која ќе ја плаќаат корисниците во Скопје во новата грејна сезона, најверојатно, ќе се знае веќе в понеделник, кога ќе одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на седница, а ценовникот ќе важи од 1 август.
Според непотврдени информации, поголемиот дел од компаниите, според нивните пресметки за оперативните трошоци, побарале зголемување на цената на услугата и до 50 %, додека дел од нив, како „ЕСМ Производство“ и „ЕСМ Енергетика“ се со барање за намалување.
Цената на парното греење во најголем дел ја креира енергенсот со кој се произведува топлинската енергија, а тоа е гасот чија просечна цена годинава, споредено со претходната година, е значително пониска. Како што претходно најавија од РКЕ, државните субвенции од оваа грејна сезона нема да ги има.
Во овој момент, корисниците на парното греење имаат субвенционирана цена за околу 20 отсто.
Регулаторната комисија за енергетика од март годинава ја намали цената за парното греење за 35 проценти за сите деловни корисници во Градот Скопје. А, како што образложи тогаш претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, тоа се должи на намалувањето на цената на природниот гас на берзите, како и на фактот дека немаше од државните субвенции за овие корисници.
Граѓаните сега очекуваат РКЕ да донесе таква или слична одлука и за околу 65 илјади домаќинства. Последниот збор ќе го има регулаторот.