Републички опозициски и покраински пратеници, заедно со опозициските градски советници, утринава пред осум часот почнаа да ја блокираат зградата во која се наоѓаат судот и обвинителството во Нови Сад, со цел да побараат ослободување на политичарите и активистите кои беа затворени за време и по протестот за паѓањето на настрешница во Нови Сад, јави дописникот на МИА од Белград.
Пред судот е полицијата во опрема за разбивање демонстрации, со штитови и шлемови, и има туркање меѓу насобраните и полицајците на влезот во зградата каде што се наоѓаат судот и обвинителството. Пред зградата се легитимираат луѓето и се пуштаат само вработените. На вработените кои бараат да им се дозволи да работат, пратениците им велат дека не сакаат, бидејќи не си ја вршат работата и не ги апсат одговорните.
Како што изјавија опозиционерите, тие во знак на протест ја блокирале зградата поради активистите, кои беа приведени по протестот во Нови Сад на 5 ноември. Станува збор за протест кој беше организиран поради падот на настрешницата на Железничката станица во тој град, во кој животот го загубија 15 лица, а двајца се тешко повредени.
Пратеничка во српското Собрание на Движењето на слободни граѓани (ПСГ) Ана Орег изјави дека идејата зад денешната акција во Нови Сад била во неа да бидат пратеници, покраински, републички и новосадските советници за да не се доведат граѓаните во дополнителна опасност.
Таа посочи и дека треба да биде апсолутно јасно дека припадниците на полицијата не смеат да удираат пратеници, апсолутно не треба да се приближуваат толку блиску и физички да ги допираат.
Инаку, во новосадскиот затвор по протестот на 5 ноември има девет лица.