Во Грција денеска почнува 24-часовен штрајк, а синдикатите ќе бараат зголемување на платите на неколкуте планирани протести во градовите низ земјата, пишува „Катимерини“.
Се очекува штрајкот да влијае на владините операции, училиштата, болниците и јавниот транспорт, вклучувајќи ги железничките услуги и островските фериботи.
Лидерите на синдикатот ја обвинија владата на премиерот Киријакос Мицотакис дека не успеала да се справи со инфлацијата и зголемените трошоци за живот.
„Трошоците за живот се многу високи и нашите плати се на пониско ниво, додека високите трошоци за домување ги ставија младите во трагична положба“, рече Јанис Панагопулос, водач на главниот синдикат на приватниот сектор, ГСЕЕ. Како и другите работнички групи, ГСЕЕ ја обвини владата дека „одбила да преземе какви било значајни мерки за да обезбеди пристојни услови за живот на работниците“, пишува Гардијан.
Минималната плата во Грција е 900 евра, додека цените на малопродажбата, телекомуникациите и енергијата во земјата се меѓу највисоките во Европа, а левичарската опозиција тврди дека граѓаните плаќаат „британски цени на бугарските плати“.
Мицотакис неодамна вети дека ќе ја зголеми минималната плата на 950 евра, но бидејќи трошоците за домување исто така се во пораст, критичарите велат дека тоа не е доволно. Во исто време, агенциите за кредитен рејтинг ја пофалија владата на Мицотакис за фискалните реформи кои ја вратија земјата во статус на инвестициска оценка, додека Грција, исто така, ги надмина другите земји-членки на ЕУ во однос на економскиот раст.
Грција забележа една од највисоките стапки на раст во Европа, а ММФ предвидува дека економијата на земјата ќе порасне за 2,3 отсто во 2024 година, додека невработеноста е намалена од 30 на 8,3 отсто.