Натпреварот од петтото коло во Лигата на Европа меѓу Бешикташ и Макаби Тел Авив ќе се одигра на неутрален терен во Дебрецин, Унгарија, соопшти УЕФА.
„Натпреварот ќе се одигра без присуство на публика, по одлука на локалните унгарски власти“.
Бешикташ минатата недела објави дека натпреварот ќе се игра на неутрален терен од безбедносни причини. Средбата меѓу двата клуба се смета за натпревар од висок ризик бидејќи турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги засили вербалните напади врз израелските власти од почетокот на војната во Газа.
Големи антиизраелски протести, поттикнати од турската влада, се одржуваат низ целата земја повеќе од една година, а Израел побара од своите граѓани и дипломати да ја напуштат Турција минатиот октомври. Минатиот четврток во Амстердам дојде до судири меѓу навивачите на Макаби Тел Авив и пропалестинските демонстранти по завршувањето на натпреварот од Лигата на Европа меѓу Ајакс и израелскиот клуб. Според холандската полиција, околу 30 навивачи на Макаби биле повредени за време на конфликтот.