Годишниот самит на ОН за климатски промени COP29 (UN Climate Change Conferences) започнува денеска во Баку, главниот град на Азербејџан, и ќе трае до 22 ноември, а ќе собере лидери на бројни земји, претставници на бизнисот и граѓанското општество со цел да се забрзаат активностите за решавање на проблемот со климатска криза.
Официјалното отворање на Самитот на Олимпискиот стадион „Баку“ е планирано за вторник, а свое обраќање ќе имаат домаќините - претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
По свеченото отворање, на Самитот ќе говорат повеќе од 20 шефови на држави.
COP29, во време кога глобалните температури достигнуваат рекордни нивоа, а екстремните временски услови ги погодуваат луѓето ширум светот, ќе се обиде да унапреди конкретни решенија за проблемот со климатските промени.
Фокусот на COP29 ќе биде на финансиските земји кои треба драстично да ги намалат емисиите на стакленички гасови и да ги заштитат животите и егзистенцијата на луѓето од влијанијата на климатските промени.
Меѓу клучните приоритети на COP29 се обезбедување дека секоја земја има ресурси да преземе многу посилни климатски активности, намалување на емисиите на стакленички гасови и градење отпорни заедници.
Конференцијата, исто така, ќе се осврне на адаптацијата на земјите во развој кон климатските промени и собирањето средства за тоа, а конференцијата исто така ќе биде можност земјите да ги претстават своите ажурирани национални акциски планови за борба против климатските промени.
Конференциите на ОН за климатски промени (COP) се одржуваат секоја година и претставуваат светски мултилатерален форум за донесување одлуки за активности за решавање на климатската криза.
Целта на самитот COP е да се ограничат емисиите на јаглерод диоксид (CO2) и да се намали нивото на глобално затоплување на 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустриските нивоа.
Првата конференција на COP беше одржана во Берлин во 1995 година и оттогаш целта беше да се најдат начини да се запрат климатските промени и да се намали глобалното затоплување.
За време на минатогодишниот самит во Дубаи, земјите ветија тројно зголемување на капацитетот за обновлива енергија до 2030 година.
Договори во однос на климатските промени беа постигнати и на претходните конференции, а првиот протокол од Кјото беше усвоен во 1997 година, со кој потписниците се обврзаа да ги намалат ефектите од стаклена градина во периодот од 2008 до 2012 година.
На COP21 беше постигнат меѓународен договор со кој се ограничи глобалното затоплување на „многу под 2 Целзиусови степени во споредба со прединдустриските нивоа, со напори да не се надмине границата од 1,5 степени Целзиусови“.
Финансиска помош за земјите во развој да се прилагодат на климатските промени и да ги ублажат нејзините последици беше договорена и во Париз во 2015 година, а развиените земји ветија дека ќе мобилизираат 100 милијарди долари годишно до 2020 година со цел да ги зголемат тие средства во иднина.
На COP27 беше договорена одлука за создавање посебен фонд за земјите кои претрпеа големи загуби и штети поради климатските промени како што се поплави, суши, урагани и други временски непогоди.
Азербејџан ќе претседава со COP29 оваа година, бидејќи ротирачкото претседавање со самитите на ОН за климатски промени помина на Централна и Источна Европа, додека следната година Бразил ќе биде домаќин на самитот COP30. /МИА