Според информациите од Министерството кои ги пренесуваат денеска турските медиуми, слетувањата на аеродромот биле прекинати до 03:00 часот по локално време (01:00 часот по македонско време), додека надлежните не го отстраниле авионот од пистата.
Пилотот испратил итен повик веднаш по слетувањето во 21:34 часот по локално време, а спасувачките и противпожарните екипи брзо го изгаснале огнот, стои во соопштението од Министерството.
Сите 89 патници и шестмина членови на екипажот биле безбедно евакуирани од патничкиот авион „Сухој Суперџет 100“ на авиокомпанијата „Азимут ерлајнс“, кој летал од рускиот црноморски град Сочи, соопштија од Министерството.
Од авиокомпанијата изјавиле дека авионот направил грубо слетување поради лоши временски услови и силни ветрови. Руската Федерална агенција за авијација „Росавијација“ соопшти дека го истражува инцидентот.
Според веб-страницата за следење летови „Флајтрадар24“, авионот е стар седум години. Русија се соочува со недостиг од авиони поради западните санкции воведени заради инвазијата на Украина во 2022 година.
Генералниот конзулат на Руската Федерација во Анталија соопшти дека, во соработка со турските власти, „Росавијација“ и „Азимут ерлајнс“ подготвиле план за помош на патниците од летот А45051. Дел од руските патници безбедно го напуштиле аеродромот, а останатите чекале да си го земат багажот.
Fire Panic on Russian Plane at Antalya Airport! 🔥✈️
— AirportIST (@AirportIST) November 24, 2024
A Sukhoi Superjet 100 type passenger plane belonging to the Russian airline Azimuth encountered a serious accident during its landing at Antalya Airport. It was reported that the plane leaked fuel as a result of its left engine… pic.twitter.com/s86v16jHpC
Патниците кои требало да се вратат во Русија со повратен лет биле сместени во хотел додека пристигне резервниот лет, соопшти Генералниот конзулат, пренесува ТАСС.