Илјадници германски работници вработени во електротехничката и металуршката индустрија денеска започнаа серија штрајкови ширум земјата, барајќи зголемување на платите за седум отсто, пренесува Ројтерс.
Штрајковите ги погодија компаниите Порше, Мерцедес и БМВ, додека на Фолксваген му се заканува можност за затворање на три фабрики во Германија, како и можност за масовни отпуштања и намалување на платите за 10 отсто за работниците кои ќе ги задржат своите работни места.
Штрајковите ги организираше синдикатот ИГ Метал. Тој синдикат, исто така, организираше протест за време на ноќната смена во фабриката на Фолксваген во градот Оснабрик, која потенцијално ќе биде затворена. Синдикатот бара зголемување на платите за 7 отсто, а здруженијата на работодавачи понудија зголемување од 3,6 отсто во период од 27 месеци.
„Ограничувањата на платите не создаваат работни места. Нашата тешка ситуација има сосема различни причини од високите плати“, рече Харалд Бак, претседател на работниот совет на Porsche AG во фабриката во Штутгарт.
Околу 500 вработени ја напуштија работата за време на ноќната смена, а потоа околу 4.000 вработени стапија во штрајк во утринската смена за да се приклучат на демонстрациите, пренесува Ројтерс.
„Ние не сме причината (на проблемот). Ние го заработивме својот дел и се бориме за 7 проценти“, се наведува во соопштението на работниците.
Следниот круг разговори меѓу Фолксваген и претставниците на работниците ќе се одржи во среда, но шефот на работниот совет на компанијата се закани дека ќе ги прекине разговорите.
Според британската агенција, коалициската влада на канцеларот Олаф Шолц се соочува со предизвици поради лошите перспективи за бизнис, додека постои можност актуелната влада да загуби на изборите следната година. Денеска Шолц одржа состаноци со деловни лидери, вклучувајќи го и извршниот директор на Фолксваген, Оливер Блуме, чиј тим му објасни на канцеларот дека е малку веројатно брзото решение на проблемот.
Германската трговско-индустриска комора соопшти дека истражувањето на компаниите покажало дека Германија се соочува со уште една година на економски пад, а дека раст не се очекува ниту за следната година.
„Ние не се занимаваме само со циклична, туку и постојана структурна криза во Германија“, рече Мартин Ванслебен, генерален директор (ДИХК), кој го спроведе истражувањето. Тој рече дека е загрижен за тоа колку Германија станува економски товар за Европа и повика на големи реформи.
Посебно истражување на здружението за автомобилска индустрија VDA покажува дека трансформацијата на германската автомобилска индустрија може да доведе до губење на 186.000 работни места до 2035 година, од кои приближно една четвртина веќе се случиле.
„Станува сè појасно дека Европа, особено Германија, сè повеќе ја губи својата меѓународна конкурентност“, се наведува во извештајот на VDA.
Како што се наведува, цената на струјата за германските компании е до три пати повисока од онаа на меѓународните конкуренти, на пример од САД или Кина, додека земјата се соочува со највисоки даноци и зголемување на бирократските обврски.
Меѓународниот монетарен фонд, исто така, повика на реформи во Германија, сугерирајќи на владата да го отфрли уставно задолжениот плафон за задолжување, или сопирачка за долгот, со цел да ги поттикне инвестициите.
Министерот за финансии Кристијан Линднер, кој денеска свика посебен самит поради проблеми во автомобилската индустрија, го изрази своето несогласување со министерот за економија Роберт Хабек, кој повика на инвестиции од повеќе милијарди евра за да се стимулира растот на индустријата.