Германската коалициска влада, составена од партии со различни идеологии, централно-левичарските Социјалдемократи (СПД), либералната Слободна демократска партија (ФДП) и Зелените, се повеќе е изложена на ризик да се распадне.
Политичарите на тие партии неодамна го демонстрираа тоа со целосно некоординирани настапи, кога зборуваа за начини како да се помогне на пропаднатата економија, оценува во анализа агенцијата Ројтерс.
Според извештаите, претходно овој месец канцеларот Олаф Шолц најави дека ќе се одржи самит на лидери во индустријата за да се разгледа излезот од кризата, а една недела подоцна министерот за економија Роберт Хабек од редовите на Зелените ги претстави своите предлози, по што Министерот за финансии Кристијан Линднер од ФДП најави уште еден деловен самит за истиот ден кога канцеларката го најави вториот состанок, што „укажува на зголемената некоординација и несогласување“.
Кампањата за изборите следната година веќе неофицијално започна, а партиите од коалицијата на Шолц се спротивставени една на друга, велат високи партиски и владини функционери.
Ризикот од колапс на коалицијата е поголем од кога било досега, наведува Ројтерс, додавајќи дека паниката ги зафати партиите, кои се плашат од лошиот настап на неодамнешните регионални избори на кои ФДП и Зелените загубија места во парламентите на некои федерални провинции.
Ова ги натера овие партии да вршат зголемен притисок врз нивните лидери да ги промовираат своите агенди во поголема мера, што особено важи за ФДП, која според анкетите во моментов има помалку од пет проценти од поддршката потребна за влез во федералниот парламент, така што ја разгледува можноста за напуштање на коалицијата.
Таа партија со недели дебатира дали имаат поголеми шанси да го подобрат својот рејтинг ако останат во владата или ако се надвор од неа, изјави за Ројтерс извор од ФДП.
Лидерот на ФДП, министерот за финансии Кристијан Линднер, не е расположен да ја напушти владејачката коалиција, но се соочува со зголемен притисок внатре во партијата, изјави владин претставник кој не сакаше да биде именуван.
ФДП би можела да се надева на гласови доколку доведе до колапс на неефикасната и се понепопуларна коалиција, оценува политичкиот аналитичар на Универзитетот во Дизелдорф, Стефан Маршал.
Самиот Линднер изјави дека ова ќе биде „есенска одлука“, нагласувајќи дека владата мора да договори важни мерки за зајакнување на економијата.
Предлозите за зајакнување на инвестициите преку даночни олеснувања што ги изнесе министерот за економија Роберт Хабек од редовите на Зелените ги нарече „знак на концептуална беспомошност“.
Во оваа прилика, лидерот на опозициските Демохристијани (ЦДУ), Фридрих Мерц, праша дали сега ќе има отворена размена на удари во коалицијата и дали таа треба да трае уште една година.
ЦДУ повика на предвремени избори, што Шолц го отфрли, велејќи дека кога некој има мандат, мора да работи на исполнување на своите должности.
Според Ројтерс, одлучувачки ќе бидат следните недели.
Неименуван владин функционер од ФДП рече дека најверојатно ќе биде потребен трет круг преговори меѓу Шолц, Хабек и Линднер во врска со економските мерки.
„Атмосферата воопшто не е добра, нема повеќе доверба“, додаде функционерот.
Британската агенција наведува и дека најверојатното сценарио е дека владејачката коалиција сепак ќе остане заедно до следните сојузни избори на 28 септември, со надеж дека нејзината политика ќе почне да дава резултати.