Венко Филипче нема авторитет ниту кај своите сопартијци и поради тоа одбира да критикува сè што е добро, рече вечерва пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во гостување на Канал 5.
„Венко Филипче како нов претседател на СДСМ се обидува да се докаже, не толку пред целокупната јавност, туку се обидува да се докаже пред јавноста која е поблиску до СДСМ. Го нема авторитетот на неговите претходници, мислам на Зоран Заев, Црвенковски, Радмила Шеќеринска и други претседатели на СДС и обидувајќи се да го изгради тој авторитет, одбира да критикува сè“ рече Милошоски.
Тој истакна дека новата влада наследи лоша состојба во институциите и празен буџет.
– Поминаа 100 медени дена, но јас не би рекол така, за прв пат Македонија од кога е независна држава немавме 100 дена на Владата да ѝ се даде можност да се адаптира на новите услови, а новите услови не беа ни малку лесни. Буџетот беше во многу лоша состојба, довербата во институциите на катастрофално ниско ниво и затоа сметам дека настапот на Венко Филипче да критикува сè, не соодветствува со реалноста со работата на Владата – рече Милошоски.
Во врска кредитот од Унгарија пратеникот Милошоски истакна дека досега немало потранспарентна најава, дека е најавен точно уште во предизборието, со многу ниска поволна камата, со средства кои се прилично добри и за ликвидноста на македонското стопанство, но и за општините, бидејќи голем дел од паритебби биле наменети за сите општини за нивните инфраструктурни проекти.
За евроинтеграциите тој потенцираше дека претходната власт на ДУИ и СДСМ направила огромни грешки, особено со потпишувањето на протоколот во 2022 година кога им подари инструмент на Бугарија за легално блокирање.
– Направија суштинска грешка кога прифатија билатеризација на евроинтеграциите. Со потпишувањето на вториот протокол кој што Бујар Османи и неговата колешка во Софија го потпишаа во 2022 година, сметам дека се направи голема грешка. Тогаш на Бугарија, владата на СДСМ и ДУИ ѝ подари инструмент за легално блокирање на ЕУ интеграциите. Кој што гледаме дека сега резултираше со поволна одлука за Албанија и неповолна одлука за Македонија – потенцира Милошоски.
Тој изрази загриженост за нестабилната политичка ситуација во Бугарија.
– Македонија не треба повторно да се соочи со изневерување на надежите за европска интеграција, особено не со наивни промени во Уставот – изјави Милошоски.
Тој апелираше за појасна и аргументирана комуникација со Европската Унија, со цел да се осигура сигурен пат кон Брисел.
– Потребно е Европа да ја дефинира нашата европска перспектива. Не можеме да си дозволиме повторување на минатите грешки – рече пратеникот.
Негов соговорник беше пратеникот од СДСМ Оливер Спасовски, кој рече дека е факт дека имаме застој во евроинтеграцискиот процес.
– За СДСМ тоа не е неочекувано. Но, јавноста го очекува планот на Владата, како ќе се смени преговарачката рамка и како ќе ги продолжиме европските интеграции. Како ќе обезбеди подобра позиција? Јас го кажувам тоа што го соопштија од ВМРО-ДПМНЕ. Ветија дека ќе обезбедат поповолна преговарачка рамка. Сега е моментот што ќе понуди Владата. Спремни сме да разговараме, но да го видиме планот – рече пратеникот Спасовски.