Директорката на ГАК Ирена Алексиовска-Папестиев вели дека во светот на медицината не постојат повеќе граници и дека медицината во Македонија може да се мери со онаа во светот, откако денес мајка на возраст од 61 година на свет донесе здраво машко бебе.
„Во светот на медицината не постојат повеќе граници и дека медицината во Македонија може да се мери со онаа во светот. Ова го говори раѓањето на бебето Петар кое на свет го донесе највозрасната пациентка во нашата држава. Оваа пациентка е прва која е останата бремена со сопствена јајце клетка што била замрзната и која добила ин витро третман во нашата држава и целата бременост била следена во нашата држава, а породувањето е извршено на ГАК“, рече Папестиев.
Директорката посочи дека пациентката е породена со царски рез и во 36. гестациска недела, а Петар на свет дојде тежок 2.350 грама и долг 48 сантиметри.
Оперативниот тек поминал уредно. Во текот на своето акушерско минато, оваа мајка-херој имала богато гинеколошко и акушерско минато. Имала три претходни интервенции од кои две во Белград, а една на ГАК. Во текот на бременоста која била контролирана имала висок притисок и шеќерна болест, но се поминало во најдобар ред.