„Дојде време да се открие сето она што било девијација во изминатиот период и граѓаните да бидат информирани за сѐ што се случувало“, појасни вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ во интервјуто за „Слободен печат“ на прашањето околу работата и транспарентноста на Министерството за односи меѓу заедниците, кое во минатото секогаш беше оценувано како нетранспарентно.
„Не треба работите да ги ставаме во обланда за ни изгледаат поубави од што се“, рече Стоилковиќ и додаде дека нема да крие никого, особено не некој кој правел финансиски малверзации и трошел државни пари ненаменски.
Што се однесува до јазиците на припадниците на заедниците вели дека во најскоро време Министерството ќе ја добие својата вистинска слика, а неговото име ќе го оправда она што се работи.
Што се однесува до веб-страницата на Министерството успеавме да ја вратиме во основна положба, во сопственост на државата, на Министерството и како таква да почнеме да ја храниме со информации. Оди бавно од проста причина што тоа не го дозволува кадровскиот потенцијал во Министерството“, вели Стоилковиќ и појаснува дека на насловната страница веќе како икони се поставени јазиците на сите етнички заедници и во моментов се доекипира тимот задолжен за превод.
„За албански не е проблем имаме доволно вработени, проблемот е за другите национални заедници кои мораме да ги вклучиме и да ги преведуваат информациите и да го полнат сајтот. Тоа во најскоро време ќе се реализира и ќе биде вистински сајт, на вистинско Министерство чие име ќе го оправда она што го работиме таму, додава Стоилковиќ, откривајќи дека неговата проекција е во следниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија барем со една реченица да бидеме споменати дека сме успеале да направиме нешто и работите сме ги поместиле од мртва точка.
„Тоа ќе биде, условно кажано, не само политички приоритет, туку сатисфакција дека она што сум го зацртал сум го остварил“, заврши вицепремиерот и министер Стоилковиќ.