Жителите на Болсовер, мало гратче во Англија, биле изненадени и шокирани кога виделе необична порака на фасадата на поранешниот клуб Норт стар. На свежо обоениот ѕид со големи црни букви пишувало: "Сакаш некој да ти ја вароса куќата? Не биди како Тери, плати ја сметката! Сега ќе мораш!"
Брзо се дознало дека зад оваа порака стои Дин Ривс, локален молер и декоратер, кој решил да ги наплати своите услуги на крајно неконвенционален начин. Имено, Ривс тврди дека клиентот, чие име не го соопштил јавно, не му ги платил договорените 500 фунти (околу 645 долари) за работата која претходно била извршена. Како што објаснил за медиумите, тој бил ангажиран да ја бојадиса зградата кој моментално се пренаменува во станови. Но, по завршувањето на работата, тој се соочил со дополнителни барања кои не ги прифатил, поради што клиентот задржал дел од заработувачката.
Лут и фрустриран поради, како што рече, прекршување на договорот, Ривс одлучил јавно да го посрамоти клиентот и истовремено да ги предупреди другите потенцијални клиенти. Неговата порака на фасадата го привлече вниманието на минувачите, кои застанувале да се фотографираат и да коментираат за оваа необична одмазда.
Овој потег набрзо стана тема на локалните медиуми, а многумина ја поддржаа борбата на Ривс за правда, иако некои го критикуваа неговиот начин на изразување на своето незадоволство. Дин Ривс сепак изјавил дека не се кае за своите постапки и дека немал друг избор.
- Само така ќе му покажеме дека договорот мора да се почитува. Луѓето не разбираат колку е тешко да се работи ваква работа, а потоа се однесуваат со вас како да не вредите ништо, изјавил Ривс за локалните медиуми.