Корисниците на платформата Х кои не се наклонети на реизбраниот претседател на САД Доналд Трамп, бараат алтернативи на платформата која е во сопственост на Илон Маск, еден од главните луѓе во тимот на Трамп.
Една таква алтернативна платформа која зема замав е социјалната мрежа Bluesky, која се повеќе се наметнува како сериозна алтернатива на платформата X, штотуку достигна 15 милиони регистрирани корисници. Само еден месец претходно Bluesky имаше 13 милиони корисници, додека пред една година имаше само два милиони. Овој раст сугерира дека се повеќе луѓе бараат нови опции во светот на социјалните мрежи.
Иако Bluesky гледа се поголем број корисници, сепак е далеку зад своите најголеми конкуренти. Платформата X, со повеќе од 500 милиони активни корисници на глобално ниво, останува лидер, додека мрежата на Meta's Threads има околу 275 милиони месечни активни корисници и брзо се шири, привлекувајќи повеќе од милион нови корисници дневно.
Интересот за Bluesky дополнително се зголеми по забраната за X во Бразил, што поттикна стотици илјади Бразилци да ја пробаат оваа алтернатива. Исто така, поврзаноста на Илон Маск со политиката на Доналд Трамп мотивираше многу корисници да бараат нови социјални мрежи. Денес, апликацијата Bluesky е меѓу најсимнуваните во американската продавница за апликации, со Threads веднаш зад нив.
Bluesky го започна своето патување во 2021 година како експериментален проект заснован на технологијата AT Protocol. Идејата првично беше поддржана од Џек Дорси, тогашниот извршен директор на Твитер, но по купувањето на Твитер од страна на Маск, Bluesky и X станаа конкуренти, неповрзани еден со друг.
<b>Нови планови и иднината на мрежата Bluesky</b>
За дополнително привлекување корисници, Bluesky најавува воведување на премиум опции достапни преку платена претплата, слично на услугата X Premium (порано Twitter Blue). Сепак, компанијата уверува дека апликацијата нема да биде заклучена зад ѕидот за плаќање, со што сакаат да ја зачуваат отвореноста на платформата за сите корисници.